ЛЕВИЦА: Имаме решение за излез од кризата

Сподели

„Навидум нерешливата политичка криза, која се заканува да предизвика тешки последици по нашето општество, може да се надмине. Единствено е потребна политичка волја кај партиите кои ја доведоа ситуацијата до точка на вриење. Левица го нуди следниот концепт за надминување на политичката агонија, во која не’ доведоа неодговорните партии и елити:

1. Мораториум на Албанската платформа. Парламентарните албански политички партии, ако навистина сакаат да се подобри животот на обичните граѓани Албанци, да се фокусираат на решавање на суштинските проблеми кои нив ги мачат. Со затскривањето зад етничките барања само ја покажуваат својата незаинтересираност за подобрување на животот на обичните Албанци. Обичните граѓани Албанци, како и останатите граѓани на Македонија, ги чувствуваат неправедните институции на своја кожа, од ден за ден стануваат се’ посиромашни, дишат загаден воздух, се соочуваат со недостаток на чиста вода за пиење, а етничките прашања им се на дното на листата проблеми кои ги мачат.

2. Транспарентност на преговорите за влада. Воспоставената практика да се водат преговори зад затворени врати, далеку од очите на јавноста, треба конечно да престане. Новото општество за кое се залагаме и се бориме не смее да се гради врз нетранспарентност!

3. Институциите да работат согласно со своите уставни надлежности. Граѓаните не гласаа за нефункционален парламент, каде што пратениците ќе земаат плата, а нема да работат. Затоа, најитно е потребно пратениците да ги испочитуваат Уставот и Деловникот и да го конституираат Собранието, а Претседателот да го предаде мандатот, овојпат согласно со Уставот, и со тоа да се стави крај на институционалната криза.

4. Прекин на протестите. Спротивно на декларативните заложби „за заедничка Македонија“, на овие протести често се забележуваат националистички скандирања и симболика, а со говорите кои се држат се стимулираат национализмот и нетрпеливоста. За да се смират страстите и да спласне тензичната атмосфера меѓу граѓаните, итно треба да престанат ваквите протести, кои несомнено имаат поддршка од ВМРО ДПМНЕ.

Левица искрено се надева дека оние партии и елити кои го создадоа хаосот, ќе изнајдат сила и доблест да ретерираат од некои свои позиции со цел да ја надминеме кризата што побргу и помалку штетно, за да конечно на дневен ред дојде решавањето на проблемите со осиромашувањето и обесправувањето на народот“, се вели во соопштението на Левица.