Лукаревска: На работодавачи им е исплатена државна помош но тие не исплатиле работници

Сподели

 

За месец април, на 19.780 работодавачи им се исплатени вкупно 1.793.207.603 денари државна помош за вкупно 128.315 вработени, но 281 работодавачи од нив, кои примиле финансиска поддршка во износ од 9.995.565 денари не ја исполниле обврската за исплата на плата за 722 вработени, изјави денеска на прес-конференција директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска.

Финансиска поддршка за мај добиле 19.938 работодавачи во вкупен износ од 1.666.373.597 денари, за вкупно 119.182 вработени. Од нив пак, 427 компании воопшто не исплатиле плата за 984 вработени, а добиле финансиска поддршка во износ од 13.698.998 денари.

Фирмите кои не ја исплатиле помошта се од дејностите трговија на мало и големо, подготовка на оброци и служење на храна, транспорт, градежништво, производство на облека, емитување на програма, објекти за сместување и слично. Компаниите ги добија овие средства за полесно справување со последиците од корона кризата што се појави како резултат на пандемијата на ковид-19.

Лукаревска апелираше работодавачите да ги исплатат платите кон вработените, бидејќи целта на мерката е зачувување на работните места, а не парите да ги земат за себе. Во спротивно, рече таа, ќе бидат јавно објавени.

Доколку и по овој повик компаниите не ги исплатат парите, УЈП во координација со Државниот инспекторат за труд ќе изврши присилна наплата, глоби и враќање на средствата назад.