Средба Мицкоски-Холштајн: Правиме напори за формирање на ново парламентарно мнозинство

Сподели

 

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска се сретна со германската амбасадорка во земјава Енке Холштајн, на која разговарале за актуелната политичка состојба, изборите и идните стратешки приоритети.

 

 

“На средбата разговарaвме за актуелната политичка состојба, изборите и идните стратешки приоритети. Посочив дека изборите кои поминаа не може да се оценат за фер и демократски бидејќи власта спроведе низа прекршувања, поткупи и неправилности во текот на гласањето со што сериозно се нарушува демократскиот фундамент на изборите. Државата доби и сериозни забелешки за изборите нотирани од мисијата на ОБСЕ.

 

 

Освен тоа што власта го осиромаши народот и ја втурна Македонија во тешка финансиска криза, спроведе организиран поткуп тежок неколку милиони евра. Со ваквото однесување се докажа дека власта прави озаконување на криминалот и корупцијата како главен супстрат на нивното делување.

Потенцирав дека врз основа на добиената доверба од граѓаните и верувајќи во принципите и вредностите кои беа елаборирани од страна на Коалицијата за обнова на Македонија, правиме напори за формирање на ново парламентарно мнозинство што ќе значи зафаќање со сериозна работа за надминување на тешката криза во која се наоѓа државата” – изјави Мицкоски по средбата со германската амбасадорка Холштајн.