Луми Бекири

Сподели

lumi

Протестиве станаа идеалната Македонија која сакаме да ја живееме. Без никаков обид да ги романтизирам истите или да поддржувам некаква наводна карневализација на протестиве, тие станаа наш дом.
Во целава мрачна еднолика атмосфера во државава последнава деценија кај секој од нас се јави тоа чувство на бездомност, неприпадност, отуѓеност од сопствените животи. Но се јави и таа потреба за некаков одреден време-простор каде што ќе сме слободни и свои. И последниов месец и пол тоа беше токму СЈО во 18 часот во Скопје, а истото се појави и во другите градови.
Од целава водечка матрица што се инсталираше свесно или несвесно во нас – да се минимализира човекот во нас, да се потиснат основните човекови потреби и чувства, да сме мали и безначајни, одеднаш се појави и тој отпор во нас, кој ми се чини е и наша водечка сила периодов. На протестиве ние секојдневно запознаваме нови луѓе, гледаме еден на друг во личните болки, се заљубуваме, плачеме пред сите, се смееме на цел глас, учиме да се солидаризираме со секој, се реализираме како луѓе и сите се радуваме поеднакво на тие ‘мали’ работи, кои што ни беа одземени од секојдневниот живот.
Протестиве станаа состојба на живеење. Тие се веќе нашите животи, протестиве сме ние. Со нив се роди и една нова татковина, еден нов дом, во кој што сите живееме слободно. И таа енергија од протестиве треба да стане генералната атмосфера во новата Македонија што сакаме да ја изградиме!