Вести Колумна Македонија Став Текстови

Македонија ќе ја нема на мапата?! – Мерсел БИЉАЛИ

Сподели:

 

Од започнувањето на руско-украинската војна, над Западен Балкан се повеќе црни облаци и силни ветришта кои постојано ги менуваат правците на политичките патокази за регионот.

Врие од тензии: Србија – Косово, Северна Македонија – Бугарија, политичка нестабилност во Црна Гора, иницијативи во Саџак и Војводина, внатрешна поларизација во Албанија, хронични проблеми во БиХ. А организирани структури на руска шпионажа има во секој дел од Балканот. Руско упатство за користење на мозок има во сите регионални држави. Регионот врие од руски штали за одгледување балкански „тројански коњи“. На Русија не и требаат тенкови во Западен Балкан, туку само дополнителна тензија за регионот да стане нестабилен, велат од Американскиот институт за претприемништво во Вашингтон.

Перманентни тензии во регионот и нивното игнорирање од ЕУ, претставуваа одлично гориво за руско-дестабилизирачките дејствија во регионот. Брисел со години го имаше загубено патот во сопствениот двор оти со ригидни ставови кон Западен Балкан, се чини дека тие самите ширум ги отвори големите врати за Русија, која изгледа „успешно“ ја пополнуваше таквата темна европска ментална празнина. А при таква темнина сите мачки се црни! Се повеќе овдешната јавност почна да сфаќа дека залудно е да се пее за глувите уши.

Путин, и пред последниот конфликт со Украина, беше присутен во балканска таверна. Дури се наметнуваше во посредувачка мисија во регионот. Тој пред пет години почна со поинаква политика, односно не како бранител на Србите во регионот и противник на албанскиот, босанскиот и црногорскиот фактор, туку како помирувач меѓу нив. Дури и како албанско-српски „помирувач“! Тој дури еднаш се сретна и со тогашниот претседател на Косово, Хашим Тачи, кој (според „Риа Новости“) го поканил Путин да ја посети Приштина!

За времето на владеење на Трамп, Западен Балкан беше крајно маргинализиран од страна на САД, кои тешко го наоѓаа регионот на географска карта! Во тоа време, францускиот претседател Макрон, јавно кажа дека нема да потроши ниту грам политички капитал за интегрирање на Западен Балкан во ЕУ. Регионот се чувствуваше како напуштената Црвенкапа која талкајќи по шумата стаса до куќата на лошиот волк!

Според изјавата на првиот човек на Центарот за либерална стратегија во Софија, Иван Крастев, дадена пред три години за „Њујорк тајмс“ – „Европа не треба да биде изненадена ако Русија наскоро си создаде своја мапа за нормализацијата на српско-албанскиот спор, со цел, нејзино поголемо присуство во регионот“. Веднаш стана јасно дека тогашната посета на Путин на Белград, го немаше за цел само орденот „Александар Невски“ или кучето по име „Паша“!

Во тоа време „Њујорк тајмс“ излезе со наслов: „Ако ЕУ го отфрли проширувањето со земјите од Западен Балкан, регионот ќе стане опасна путинистичка арена“. Истовремено, престижната иницијатива „German Marshall Fund” (Германски Маршалов фонд), пред две години анализирал дека „додека ЕУ, особено Германија се противи на размената на територии во Западен Балкан, а Русија веќе преговара во тајност за тоа“. Не е случајно што Русија во овај регион во континуитет праќа првокласни дипломати, додека целиот процес е следен од моќниот „Спутник“, кој го сочинуваат голем број медиуми во регионот (Информер, Блиц, Б92, Курир, бројни телевизии итн.), кои го подготвуваат јавното мислење.

 

Mакедонија работи против себе!

По промената на името, Северна Македонија брзо стана полноправна членка на НАТО. Ова беше историски чекор во полза на надворешната и внатрешната стабилност на оваа земја. Договорот од Преспа и договорот со Бугарија директно значеа брзо отворање кон иднината, но последниот документ дополнително е проблематизиран од страна на Бугарија, а со помош на проруските структури во Македонија. Тие во име на заштитата на македонскиот идентитет, директно работеа за руските проекти за дестабилизација на регионот. Што е најчудно, во тие тајни руски проекти за прекројување на државните граници, Македонија ја нема во мапата. Веројатно Русите мислат дека таа треба да се подели меѓу соседите! Оттука, фрлање дрвја и камења кон Бугарија, колку и да е тоа оправдано со оглед на нејзиниот непринципиелен пристап кон македонската нација, сепак тоа нешто ја помага политиката на самоуништувањето. Секој кој нешто разбира политика, добро знае дека во природното друштво Русија, Србија и Бугарија, Македонија може да служи само како вкусен десерт!

За жал во ваков опасен проект за докрајчување на Македонија, свесно или несвесно како најголем „сојузник“ се наметнува најголемата опозициона партија. Таа партија добро знае дека за полесно да владеете со луѓето, подобро е да ги користи нивните маани отколку нивните доблести. Оти, често обичните луѓе повеќе преферираат сто радосни лаги отколку една тажна вистина! Закочувањето на уставните измени, е главен адут на кој силно се аплаудира во Москва.

Наместо, отворањето на тие бугарски културни клубови кај нас, да се користат за дискредитација на бугарската политика кон нашата држава, тие цело време трубат за бугаризација на македонската нација, што сама по себе е многу навредливо првенствено за сопствената нација – оти таа не поседува доволно стабилен идентитетски капацитет! Личностите како Ванчо Михајлов и цар Борис Трети се како „кец на десетка“ во полза на паметна македонска политика. Луѓе што соработувале со нацизмот при уништување на македонските Евреи, се главни адути за негирање на македонската нација! Нема поголема бугарска авто-дискредитација од тоа. Но, наместо да го користат тоа, едни се нафатија да блокираат Бугарите да влезат во Уставот, со што прават нивната терапија да биде многу поопасна од болеста за државата!

Со одбивање на поддршката за уставни измени, ВМРО им прави дебела услуга на бугарските негатори, кои посакуваат државата да остане надвор од ЕУ, со што во блиска иднина во услови на сиромаштија, луѓето масовно би се иселеле, а државата би се поделила меѓу соседите. Оти штом Европа не доаѓа тука, тогаш самите луѓе би отишле таму. А нивната држава ќе наликува како напуштена куќа, која ќе моли некој да ја насели. Оттука, логично дека таквите „патриоти“ се ептен моќно оружје за масовно уништување на сопствениот народ. Всушност, испаѓа дека тие се најмоќното руско и бугарско оружје во нивните напори да ја обезглават државата, која потоа нема да знае накај да тргне. А кога не знаете каде одите, сите патишта водат кон таму!

Руските разузнавачи кругови силно се инфилтрирани во повеќе овдешни политички и граѓански организации, дури во бројни медиуми, па се чини дека тие контролираат добар дел од јавноста. Фронталните настапи на значајни личности од партии, академици, „независни“ интелектуалци, невладини функционери и истурени медиуми, ископуваат длабок кањон за слободен скок на милиони невини и наивни луѓе, кои предоцна ќе разбераат дека не се веќе на високо небо, туку во длабока земја. Затоа, треба што поскоро да се спречи државата да се третира како онаа глупава мачка Херкулес, која пред илузорните огледала веруваше дека е тигар!

 

Русија си гледа само свој интерес!

Дека на Русија не и е ич гајле за нијзините овдешни обожаватели, тука е докажано десетина пати во последниве 50 години. Тоа најдобро го знаат Србите. Да се присетиме на изјавата на Путин дадено на 26 април годинава, кога рускиот претседател го спореди Косово со два сепаратистички региони во Украина, Доњецк и Луганск, (попознати како Донбас). Тука, секако влегува и Крим и Јужна Осетија, кои со години се под руска окупација и анексија.

Ова беше прокоментирано како братски руски нож зад грбот на Србија. Оти – „ако Косово може, тогаш истото ќе важи и за Доњецк и Луганск“. Путин уште кажа дека – „Кога Косово прогласи независност, Меѓународниот суд на правдата, под притисок на западните земји, одлучи дека согласно Повелбата на ОН, кога дел од државата прогласува независност, нема потреба да бара согласност од централната власт. Тоа значи дека републиките во Донбас не мораа да бараат дозвола од Киев“- кажа тој. По вакви изјави, се вели дека поранешниот амбасадор на Србија во Белорусија, Среќко Ѓукиќ, пуштил солзи, бидејќи „Србија го губи Косово“. Тој во изјава за „Ал Џезира“ потсети дека Путин редовно го користи Косово за свои интереси.

Последното, пред неколку дена, портпаролот на Кремљ – Дмитриј Песков, изјави дека „Москва бара „да се почитуваат сите права на Србите на Косово“, со што се докажува дека тие тамошната состојба ја третираат како релација меѓу косовска држава и српското малцинство.

Русија ќе продолжи да работи со сите свои сили за дестабилизација на Западен Балкан, со цел да го дефокусира она што и се случува како неуспех во Украина. Наскоро се очекува Украина да поврати голем дел од окупираната територија. Русите почна да бегат од Херсон. А ако Русија успее да го дестабилизира Западен Балкан, тогаш нејзе ќе и биде многу полесно да ја заврши војната со Украина со подобри фаворити, во споредба со до сега, кога таа е пред пораз.

Да се престане со хистеризација

Тука, од кога памтам, за се се хистеризира, без да се погледне во огледалото. Хистерија кон Грците, потоа кон „платформата“ на Рама, потоа кон Бугарите итн. Хистеријата е најлош сојузник на еден народ. Наодамна, се покрена хистерија што десетина луѓе го исвиркаа македонскиот јазик, а самата вмровска кампања со месеци праќаше негативни пораки кон Албанците. Ако садиш трње, нема да никнат рози. А само пред три месеци во селата со Албанци во околината на Гостивар, по повод културни манифестации на повеќе детски КУД, македонските друштва без пречекани со големи аплаузи и со македонско знаме, а тоа никој не го даде!

А хистеријата продолжува со дебилна приказна дека Македонија ќе стане членка на ЕУ, ама Македонците ќе исчезнат, македонскиот јазик ќе исчезне! Македонците ќе се „бураризираат“! А сите други кои живеат во Македонија ќе останат со своите идентитетски посебности. Поглупаво, здравје! Тоа води кон тоа Македонија да ја снема самоволно! Оти државата можете да ја спасите од секој друг, освен од самата неа и од самиот себе. Кога Милошевиќ инсталираше хистерија, загинаа повеќе стотина илјади невини луѓе.

Сподели: