Алтернатива Настани

Македонската филхармонија со Сихана Бадивуку – „Виолински бравури“

Сподели:

На 23 февруари во Домот на АРМ во 20 часот, ќе се одржи симфонискиот концерт „Виолински бравури“, на кој како солист ќе се претстави една од најпрефинетите виолинистки кај нас, Сихана Бадивуку. На програмата се виртуозните „Циганка“ и Интродукција и рондо капричиозо од француските музички мајстори Морис Равел и Камиј Сен Санс.

Прв пат во Македонија, гостува извонредниот диригент Со Аватсуџи од Јапонија, добитник на наградата на Македонската филхармонија на натпреварот за диригенти „Ловро фон Матачиќ“.

Под негова диригентска палка, оркестарот на Македонската филхармонија ќе ја изведе и премиерата на делото „Бескрајно сега“ од македонскиот влијателен композитор Илија Пејовски, со што се одбележуваат 70 години од неговото раѓање, како и лирската Симфонија во Це од Жорж Бизе.

Младиот јапонски диригент со интернационална кариера Со Аватсуџи диригирал со Загрепската филхармонија, Јаначек филхармонискиот оркестар (Чешка), со Филхармонискиот оркестар на Русе, Државниот оркестар на Пловдив (Бугарија), Хрватскиот камерен оркестар, со Симфонискиот оркестар на Осака. Настапот на маестро Аватсуџи во Скопје, е награда што Македонската филхармонија ја додели на натпреварот за млади диригенти „Ловро фон Матачиќ“ во 2015 година.

Виолинистката Сихана Бадивуку-Хоџа (1967) се смета за една од најпрефинетите музички уметници од т.н. средна генерација. Има одржано концерти во Косово, Македонија, Албанија, Бугарија, Германија, Италија, Русија, Финска, Ирска, Шпанија, Словенија, Белгија и во САД.

 

Сподели: