МАКИТЕ НА ЗАЕВ! – Георги АЈАНОВСКИ

Сподели

Во сенка на завршните и сеуште неизвесни преговори со Грција околу нашето државно име се најде прашањето на претстојната реконструкција на македонската Влада, кое што според многумина навидум нема некои допирни точки со споменатиот спор но, суштински може да има крупно и далекусежно значење за севкупната внатрешна и меѓународна политика на државата. Затоа што овој пат не се работи за обична, рутинска обнова на кадровскиот потенцијал на министерскиот состав, туку за нов исчекор во консолидацијата на подзаборавениот реформски процес кој што треба, преку проширување на владејачкиот коалиционен корпус истовремено да се обезбеди поголема парламентарна стабилност, но и неопходна поддршка на обврските преземени со нашите евро-атлантски амбиции.

 

А тоа значи, потреба од изгласување на низа клучни закони од кои зависи реформскиот напредок, ама и преземање на поширока заедничка одговорност за трнливиот европски пат што треба да се изоди во наредната деценија. Каде што во моментот главна пречка претставува спорот со Атина и за чие решавање е неопходна поддршка на сите политички чинители во земјата. Исто така, проценка е, дека со прифатот и преориентацијата на некои опозициски партии и лидери, довчерашни сојузници и бранители на претходниот режим, се уриваат последните барикади на груевистичкиот систем кој што со нивната сателитска испомош повеќе од една деценија ја тероризираше македонската држава и нејзиното граѓанство.

Очекувано, овој потег на премиерот Заев предизвика силни бранувања и незадоволства кај негов голем број поддржувачи, заслужни за неговата изборна победа но, и директни жртви на ДПМНЕ-овскиот терор, чии соучесници токму овие политички камелеони, кои што сега бараат (и наоѓаат) прибежиште во министерските кабинети на власта. И тоа, во околности кога поразениот режим на сите можни начини се бори за повторно враќање на власт, вршејќи секојдневни блокади на тековните реформски проекти. Да се бара во вакви пресудни моменти политичка потпора од типови каков што е циркузантот Амди Бајрам, кратовскиот феудалец Ѕинго или митаџијата Мендух Тачи, навистина претставува апсурд и опасен политички ризик за крајниот исход на демократската преобразба.

Меѓутоа, имаше ли Заев поинаков избор, поинакви опции за остварување на споменатите политички цели? Направете список со имиња на сите поранешни и актуелни партиски лидери и сметам, сѐ ќе ви стане јасно: веќе три децении на македонската политичка сцена како водачи на “пајтон” партии, личности чија единствена активност е да се појават на избори, и само на избори, како би можеле во својство на нечии коалициони приврзоци да стигнат до некоја фотеља или некој ситен услужен бакшиш, со кој што би ја покриле својата политичка голотија.

Некои од нив, за жал, се дел и од досегашната владејачка коалиција и во одредени периоди по ништо не заостануваа од Амди или Ѕинго во измеќарувањето  на претходниот тоталитарен и антидемократски систем!