Колумна Текстови

ЗА АНТИХУМАНАТА КУЛТУРНА ХЕГЕМОНИЈА – Александар Литовски

 

    Александар Литовски

Медиумите, електронски или печатени, културата и образованието кои теоретски имаат задача да едуцираат, информираат и духовно да облагодаруваат, всушност, само индоктринираат, духовно загадуваат и агресивно „убедуваат“ дека капитализмот е вечен и незаменлив. Така, преку овие сеприсутни општествени алатки, се насочуваат и контролираат мислите кај луѓето, и им се определува начинот на дејствување и однесување. Со грамшиевски зборови кажано, се создава буржоаска културна хегемонија.

Преку медиумите, културата и образованието, структурно и темелно се деидеологизираат и деполитизираат луѓето (што, недвојбено, е своевидна идеологија), односно се насочуваат единствено кон сопствените ситни егоистички материјални интереси. Културата, образованието, телевизиските и холивудските машини за перење мозоци, весниците и социјалните електонски мрежи, на глобално ниво на луѓето им нудат зборови, слики, начини на однесување и културни парадигми, преку кои им се наметнува вредносен систем кој е од една страна неправеден и антихуман, но од друга страна и безопасен за постоечкиот глобален капиталистички поредок. Поинаку кажано, „класниот мир“ и непречената репродукција на капиталот и профитот се штитат и обезбедуваат со културната хегемонија преку која модерниот човек се отргнува од размислувањето за вистинските општествено-политички и социјално-економски прашања и проблеми и, истовремено, се демотивира да дејствува во насока на темелна општествено-економска промена како единствен начин за создавање пристојни услови за живот на секој човек во светот.

Мнозинството од „конзументите“ на медиумските информации, на културните трендови и образованите „вистини“ во капиталистичкото потрошувачко општество не е ниту свесна дека системот смислено ги индоктринира, дека им наметнува вредности, дека им ги обликува општествено-политичките ставови и дека им го насочува практичното однесување. Токму заради тоа, моќните луѓе и држави го користат своето богатство и вложуваат во културни проекти, но и за да ги поседуваат медиумите и образовните институции. Ним им е добро познато оти оној што ги контролира зборовите го контролира општеството, односно создава културна хегемонија, која е „мирољубиво“ и ненасилно средство преку кое се одржува и регенерира нивниот глобален капиталистичкиот поредок.

Со помош на културната хегемонија која ја воспоставуваат корпоративните медиуми, корпоративната култура и корпоративниот образовен систем, типичните буржоаски идеи и идеали се прогласуваат за општо мислење и „здрав разум“, па со помош на тоа безбрижно и долготрајно се владее. Впрочем, тоа е разликата меѓу класичното политичко општество во кое се владее исклучиво со помош и употреба на законите, војската и полицијата и цивилното општество во кое се владее со неолиберална идеологија и квазидемократски правила, односно општество со креирано и насочувано јавно мислење, образовен систем, синдикализам, ларпурлартивистички културни шаблони…

Преку воспоставената културна хегемонија од една страна се прикрива постоечката класна поделеност на луѓето во општеството, а од другата страна се потиснува човековата индивидуалност и, преку потрошувачкото општество, се уништува хуманистички телеолошкото дејствување на луѓето во насока на задоволување на духовни потреби. Поинаку кажано, човек кој не пронаоѓа можност за креативно изразување настојува да создаде автентичен живот со готови комерцијални производи. Културната хегемонија преку медиумите, образованието и културните институции во најширока смисла на тој термин, секојдневно ги „убедуваат“ и им сугерираат на луѓето дека единствено вреден и среќен живет е ако се поседуваат стоки од материјален и нематеријален карактер. Секако, вистината за вреден и среќен живот е токму на спротивната страна, па оттаму, доколку се сака да се изгради општество во кое ќе владее мир, правда и еднаквост за сите луѓе, прва задача мора да биде уништување на сега доминантната антихумана културна хегемонија.

Сподели: