Манчевски: Очекувам Западен Балкан попрво да се интегрира во ЕУ дигитално отколку политички

Сподели

Македонија денеска и утре е домаќин на Првиот дигитален самит на земјите од Западен Балкан, кој е првиот од серијата настани од овој тип што ќе бидат организирани на годишно ниво.

-“Очекувам намалување на цените на роамингот помеѓу земјите од Западен Балкан и ЕУ, заедно да настапиме за подобар пристап до широкопојасен интернет, да има меѓусебно признавање на дигиталните печати како и земјите од Западен Балкан дигитално побрзо да влезат во ЕУ отколку политички”, изјави министерот Дамјан Манчевски, на отворањето на Дигиталниот самит на земјите од Западен Балкан во Скопје.

На Самитот присуствуваат еврокомесарката за дигитална економија и општество Марија Габриел, косовскиот премиер Рамуш Харадинај, претседавачот со советот на министри на Босна и Херцеговина, Дениз Звиздиќ, заменик премиерката на Албанија, Сенида Меси, министри за економија, за информатичко општество на земјите од Западен Балкан, многу политичари и амбасадори.

Еврокомесарката Марија Габриел рече дека намалувањето на цените на роамингот е сложена тема и во ЕУ тоа бил процес кој траел 10 години.

– Ја поздравувам волјата на мобилните оператори од регионот кој учествуваат во конструктивните дијалози за намалување на цените на роамингот кој во земјите од Западен Балкан и ЕУ се многу високи. Прашањето за роамингот е неопходно и корисно за бизнисот и граѓаните – рече Габриел која најави дека за намалувањето на цените на роамингот ќе биде соопштено на самитот во Софија.

Таа додаде дека процесот на дигитална трансформација е скап, но дека за тоа се предвидени фондови од ЕУ кои ќе ја унапредат дигиталната инфраструктура на земјите од Западен Балкан.

Габриел вели дека во фокусот на овој Дигитален самит се граѓаните за тие да ги почувствуваат бенефитите од дигитализацијата. Таа најави дека ќе биде изработена дигиталната агенда за Западен Балкан која ќе биде презентирана на самитот во мај во Софија.

Во однос на дигитализацијата во ЕУ, Габриел најави дека до 2025 година, сите институции, влади, училишта во ЕУ ќе имаат можност за конекција која ќе се мери во гигабајти. Она што исто така ќе се работи во овие земји е образованието, односно образовниот процес да се прилагоди на времето и на дигитализацијата и да се зголеми дигиталната писменост.

Премиерот Зоран Заев учествувајќи на првиот панел, рече дека државата е подготвена да партиципира во намалување на загубите на мобилните оператори доколку ги намалат цените на роамингот.

– Треба да определиме буџетски пари, ако сакаме да побараме поддршка од европските фондови. Преку интернет сакаме да им овозможиме на граѓаните да не го трошат времето на шалтерите за да добијат услуги од администрацијата. Нема да измислиме топла вода туку ќе имплементираме тоа што се спроведува во западниот свет – додаде Заев.

Во рамки на Дигиталниот самит, ќе се дискутира за дигиталното образување на земјите од Западен Балкан, подобрување на инфраструктурата како и зголемување на сајбер безбедноста во овој регион.