Марк Руте: “Сите ние на себе имаме жолти елеци”

Сподели

 

И денеска Париз е блокиран поради најавите за нови анти-владини демонстрации на движењето “Жолти елеци”.

Француските медиуми јавуваат дека за денеска ќе се мобилизираат 89.000 полицајци низ центарот на Париз.

Протестите на движењето „Жолти елеци“ почна да се шири и надвор од границите на Франција и демонстрации почнаа и во Холандија и Белгија.

Холандскиот премиер Марк Руте изјави дека ги разбира протестите на незадоволните граѓани, додавајќи дека сите луѓе на некој начин имаат „жолт елек“.

„Сите ние на себе имаме жолти елеци, бидејќи сите ние на некој начин чувствуваме одредена загриженост поради случувањата во општеството. Политичарите мораат, доколку тоа е можно, да дадат одговори на некои прашања“, изјави Руте за новинарите во Хаг, напоменувајќи дека и самиот би можел да се замисли во позицијата на „Жолтите елеци“.

„Протестите на „Жолтите елеци“ се јасен израз на загриженост поради климатските промени, приливот на мигранти и економската ситуација на граѓаните со средни примања. Ова се грижи кои сите ги чувствуваат“, изјави холандскиот премиер Руте.

Според него „Жолтите елеци“ во Франција можат да се поделат во две групи.„Од една страна, постои група која искрено сака да разговара за својата загриженост со француската Влада, а од друга страна постои мала група која ги злоупотребува протестите и предизвикува насилство. Такво нешто е неприфатливо“, изјави Руте.

Тој нагласи дека е потребно да се одржува постојан дијалог со граѓаните, додавајќи дека токму тоа сака да го направи и францускиот претседател Емануел Макрон.

На крајот истакна дека не очекува дека протестите на „Жолтите елеци“ во Холандија ќе бидат насилни како во Франција, напоменувајќи дека антивладините протести во неговата земја досега поминувале мирно.