МАСАКРИРАЊЕ НА ПРАВДАТА – Александар Литовски

Сподели

 

Има низ историјата такви денови и години кога ништо не е така очајно оставено на ветрометина, во ништо повеќе не се стрела и ништо не е побеспомошно осамено како што е – Правдата!

Александар Литовски

Живееме време кога јасно се гледа дека меркантилниот, финансискиот, цезароманскиот лајтмотив на нашето „големо историско време“, успеа поимот Правда да го девалвира до cоcем ситни, микроскопски, незначителни, пазарџиски вредности. Време во кое дури и поимот „меѓународно право“ е толку извалкан и злоупотребен од моќните, што се чини дека единствено служи како мизерна пропагандна алатка. И ништо друго. Денес, се токму оние жални и бедни „историски денови“, во кои пропагандно освен Вистината, најповеќе се прогонува, маскрира и уништува – Правдата.

Правдата и правото, веќе, се сведени на вулгарнo неолиберално празноверје и навивачко врескање низ медиумите. Она врескање кое катадневно го сведочиме од идеолошки-неолиберално обучената полуписмена толпа за линчување, она врескање од слабоумната малограѓанска збирштина од лицемери и блудници, кои со правото, правдата и моралот имаат врска колку и со космонаутиката. А, главните џелати на правдата, за жал, се токму најповиканите да ја бранат и спроведуваат, бесчуствителните јавни службеници: политичари, новинари, писатели, научници, обвинители и судии. Затоа, гледаме дека правдата се прпелка во септичките јами преполни со измет од корупција, непотизам, елитизам, клиентилизам, етнонационализам, неофашизам, полтронизам кон богатите и силните.

Во воени околности да се пишуваат текстови за социјална и национална правда, или за потребата од меѓународно право, значи ризична авантуристичка прошетка по облаци, која што завршува, обично, неразбрано, а некогаш трагично и жално. Во вакви несреќни времиња, во времиња кога кучињата на војната и профитот врескаат, праведниците насекаде низ светот се приморани да се „срамат“ од својата правдољубивост.

Денес кога постои сеопшт распад на поимите и разголеност на медиумите како пропагандни труби на финансискиот капитал, денес кога е очевиден сплетот од програмско-практична и идејна мизантропија и омраза кон вистината, еднаквоста и правдата, сведочиме како сурово дејствува глобалниот пропаганден систем на „газдите на светот“, оној ситем кој создава десничарско-тоталитарна атмосфера и безмилосна хајка врз било кој од неистомислениците на неолиберализмот и неофашизмот. Ова денес многу потсеќа на она бунилото создадено со наци-фашистичката идеолошка и пропагандна „победа“ во триесеттите години на минатиот век, кога антикомунистичката толпа крваво пируваше и славеше на сите страни од светот. Денес, сведочиме како едногласно и истогласно се вреска на јавната сцена, исто онака како што унисоно гракаа радијата и печатените медиуми низ цела „Нова Европа“, стимулирани и финансирани од Гебелс и неговите службеници и соработници.

Од позиција на здравиот разум, антиколонијализмот и искрениот пацифизам, последниве триесеттина години треба да останат забележани како време на повампирување на милитаризмот и фашизмот, како време на владеење на суровата неолиберална пропаганда, време на масовен страв и масовна антихумана корупција, како време на неправедна и непринципиелна меѓународна политика, како време на глобална социјална, економска, културна и општествена инволуција, како време кое е увертира во униформиран робовладетелски свет опишан од Хаксли и време кое ја најавува еколошката катастрофа за планетата Земја.

Мислите за Правдата и Правото, денес се корозивни мисли. Мисли што го нагризуваат сето она што се вика бандитски интервенционизам насекаде низ светот каде ќе се појави некој непослушен што ги загрозува предаторските економски интереси на плутократијата од Дивиот Запад! А, од такви антиглобалистички и антиколонијалистички мисли, човек не само што ќе биде исправен на „дрвото за бесење“, туку може и физички да настрада, зарем не? Затоа, нели е „подобро“ и побезбедно сите да се вклучиме на хорот кој вреска за убавините на глобализмот и да ги осудиме сите „непослушници“, „еретици“, сите кои се против неправедниот, антихуман и антиеколошки систем. Или, можеби најдобро е сите да бидеме мирни и неми како риби, никој ниту да размислува, ниту да зборува за некаква Правда и така да ја бранува засмрдената неолиберално-робовладетелска бара во која крупните сомови од Вол Стрит и понатаму се гојат и уживаат?!