За името Македонија, за договорот – Кица КОЛБЕ

Сподели

Многумина во Република Македонија пред два дена небаре се разбудија од длабок сон. Некои беа толку погодени од предлог-договорот за промена на државното име, што мигум се предадоа на апокалиптички сценарија. Како да не знаеја што, всушност, би значело постигнување договор за надминување на разликите околу името Македонија. Во тие апокалиптички сценарија „Македонија изумира“, името Македонија исчезнува, затоа што некадарните политичари решиле да им го подарат на Грците. Некои како да заборавија дека првиот претседател и владата на штотуку прогласената држава Македонија ги прифати преговорите со Грција за државното име. Тие Македонци кои денес во финалето на мачниот и долг спор гледааат пропаст на Македонија, бездруго се сложуваат дека Киро Глигоров не беше ниту некадарен, ниту неискусен политичар. Напротив, тој, без сомнение, беше еден од најискусните и најмудрите македонски политичари. Тој беше учесник на народно-ослободителната војна. Тој беше еден од тие кои сонуваа за слободата на Македонците. Тој го учеше политичкиот занает во Југославија, секогаш во близината на Тито. Но, сепак, и тој веруваше, наивно и добродушно, дека „спорот за името“ ќе се реши за три месеци. И покрај неговото долго животно и политичко искуство, и тој, можеби, во еуфоријата на независноста заборави колку е сложена констелацијата околу Македонија. Брзо потоа реалноста ја збогати неговата животна мудрост и со многу други горчливи искуства. Преживеа за влакно атентат. Остана обележан, небаре требаше да потсетува на ослепените Самуилови војници. Тој преживеа, еден друг македонски претседател не ја преживеа авионската несреќа – Борис Трајковски. И тоа е поновата македонска историја на осамостојувањето. Во заднината на сите драматични мигови и долги искушенија постојано остануваше да виси како Дамоклов меч „спорот за името“.
Зошто потсетувам на овие двајца големи политичари? Затоа што во тие два мига ми стана јасно дека одбраната на државната самостојност за Македонија ќе биде чекорење низ „минско поле“. Тоа поле е се‘ уште живата националистичка балканска историја на географската територија на Македонија. По Балканските војни географското подрачје на Македонија припаѓа политички, што значи, реално и фактички, на неколку држави. По тие војни цели триесет години името Македонија вистински исчезна од политичката карта. Како политички ентитет името Македонија повторно се појави дури 1945-тата година. Во една малечка, но, за Македонците, суштествена форма: како југословенска народна република Македонија. Република Македонија живееше долги децении под заштитното „стаклено ѕвоно“ на државата Југославија. Тој факт навистина беше плодотворен за македонскиот народ, македонскиот јазик и македонскиот национален идентитет. Тоа е, всушност, јадрото на Македонија: македонскиот јазик и македонскиот идентитет. Но, тоа југословенско „стаклено ѕвоно“ го нема веќе триесет години. Последните триесет години за Република Македонија беа навистина агонични – и во психолошка и во филозофска смисла на значењето на грчкиот збор „агон“ – борбата за името, за јазикот и за идентитетот. Секој што ја познава историјата на областа Македонија во последните век и половина, мора да знае дека шансите да се излезе од спорот со Грција без било каква додавка кон името Македонија беа еднакви на чудо. На најреалните тоа отсекогаш им беше јасно. На застапниците на грчката екстремна националистичка идеологија не им се допаѓа овој договор – токму затоа што во името на државата е сочувано името Македонија. Токму затоа што е сочувана определбата на македонскиот јазик и македонскиот национален идентитет.
Многу е говорено за понижувачкото во тој спор. Да, на република Македонија и‘ беше одземено правото самата да си го избере името. ПЈРМ многумина ја чувствуваа како стигма. Така ја чувствував и јас. За тоа напишав дури цел роман. Да, спорот го навреди достоинството на Македонците во република Македонија. А стравот секогаш беше дека со промената на името би се променило и името Македонци. Тоа со овој договор нема да се случи. Сите што се реални, а не патетични, ќе се сетат дека географската одредница секогаш била присутна во менталната слика за деловите на територијата на Македонија. Некои од нив се рецидиви од минатото, некои од политичката идеологија на борбата за обединување на Македонците. Ние растевме во Југославија со имињата Вардарска, Пиринска и Егејска Македонија. Македонците во денешна република Македонија беа за нас вардарски Македонци – Вардарци. Јас, на пример, потекнувам од фамилија на егејски бегалци. Тие беа егејски Македонци – Егејци. Зошто, пак, сега за толку Македонци е навредливо државно име со географска додавка кон името Македонија? Затоа што чувствуваат дека тоа име им го дал некој друг – им го дала Грција или меѓународната заедница. Да, тоа е преседан во меѓународната историја. Освен тоа, само тој што ја знае историјата на насилното, административно менување на словенските имиња на Македонците во Грција по Балканските војни, може да разбере колку трауматско паметење е наталожено кај некои Македонци со потекло од тој дел. Тие, веројатно, затоа реагираат толку драматично. Но, доколку се потсетиме дека по Балканските војни држава со име Македонија – дури и Северна Македонија – како меѓународно признаен факт беше стравотна фантазија за моќните балкански актери, тогаш ќе ни стане јасно колку за Македонците треба да е драгоцено тоа малечко парче од таа територија на кое тие можат да бидат тоа што се – Македонци. Откако ќе мине првата зџашеност, и во Македонија би требало да настапи здравиот разум. Вистина е дека делот на кој се наоѓа Република Македонија не е целата теориторија на географската област Македонија. Вистина е дека овој дел е најсеверниот дел од неа. Географското обележје е најнеутрално од сите можни варијанти: вардарска, нова, горна. Обележјето Северна Македонија не го навредува достоинството на жителите на делот од државата Македонија. Сите што живееле или живеат во странство сознаваат рано дека тие на странците секогаш одново мораат да им објаснуваат од кој дел на Македонија потекнуваат. Имено, веќе има неколку политички области со македонски обележја.
Според тоа што го прочитав во текстот на договорот, за мене во него е најважно јасното определување на обележјата на Македонството и на македонскиот јазик како што ги разбираме ние – Македонците од република Македонија. Македонскиот јазик и македонскиот идентитет се името на државата. Тие се суштината на името Македонија. Тоа име не е ниту изгубено, ниту некому подарено доколку се дополни со географско обележје. Затоа што ми е добро позната балканската историја, јасно ми е дека токму тоа е најгорчливиот дел што морала да го голтне грчката страна – постоењето на македонскиот јазик и македонската националност. Грчките преговарачи сигурно тоа не го направиле по своја желба. На тоа најверојатно ги присилила меѓународната заедница, силните поддржувачи на Македонија во ЕУ. Тврдењето дека не постои македонски јазик и македонска нација е темелот на грчката националистичка идеологија против „Скопје“. Некои се прашуваат што изгубила Грција со договорот? Многу! Го изгуби темелот на грчката идеологија против Словените, против Славомакедонците ( поим од времето на Граѓанската војна). Грција го изгуби „духот“ кој досега ги држеше сплотени нејзините граѓани во пропагандата „против Скопје“. Со тоа, Грција еден ден ќе мора да ги признае правата на македонското малцинство. Македонското малцинство во Грција го определува своето етничко потекло не според името на република Македонија, туку според македонскиот јазик и македонскиот идентитет. Таа парадигма не им е одземена на Македонците во Грција доколку Македонија во иднина се вика Северна Македонија. Таа парадигма во нивната самосвест може само да се збогатува доколку се нормализираат односите со Грција. Да не е така, немаше веднаш да се јави стариот Теодоракис и да говори за предавство. И уште еден аспект не смее да се заборави. Тој член во договорот е навистина мигот на декларативното меѓународно признавање на македонскиот јазик и македонската националност. Тој, имено, ги обврзува и сите други соседи на Македонија. Што значи, ја обврзува и Бугарија. Но, и Србија и Албанија. Никој повеќе не би смеел да говори дека Македонците се „измислена“ нација, дека македонскиот јазик бил само нечиј дијалект. Доколку меѓу Македонците има уште луѓе со мудроста на Блаже Конески, тие треба да го согледаат овој факт како шанса, а не како загуба.
Името е јазикот. Јазикот е домот, не‘ учеше тивкиот, мудар Конески. Тие се сочувани и заштитени со овој договор. Ништо не е завршено со потпишувањето на ваков договор. Со него само е зацртан првиот дел од патот. Не само патот кон ЕУ ќе биде долг и макотрпен, оти ќе бара промена на менталитетот и на навиките. Тој ќе бара надминување на корупцијата и почитување на правото. Долг, но суштински по значење, е патот што се отвора пред Македонците и Грците. Тие треба сега да ја „разоружаат“ националистичката пропаганда од обете страни на границата. За да почнат да се запознаваат и да се почитуваат. За да почнат меѓусебно да се преведуваат. За да се читаат. За да се разберат. За да станат нормални нации и нормални држави. За да можат Грците еден ден да прифатат дека во нивната држава има и поинакви луѓе по националност и култура. Најважното треба допрва да почне, доколку двата народа сакаат да станат вистински европски народи. Тие треба да тргнат на патот на историското помирување. Тогаш, дури тогаш, во таква Грција јас ќе можам да им ја раскажам на современите Грци приказната за бегството на моите родители од Грција во Југославија. Дури тогаш ќе завршат балканските војни – видливите и невидливите. Сонувам за таква Македонија и за таква Грција – со географска додавка во името или без неа.
Кица КОЛБЕ