Левица го обвинува Изет Меџити дека е директно одговорен за катастрофалната состојба со загадувањето, урбанистичкиот хаос и дека ги заштитува криминалните бизниси и градежната мафија.
“Додека Македонија се дави во еколошка катастрофа, министерот за животна средина, Изет Меџити, не само што е отсутен од решавањето на горливите проблеми, туку активно ги влошува со политичко манипулирање, поделби и заштита на криминалните бизниси и градежната мафија со која очигледно е длабоко испреплетен.
Наместо да преземе одговорност за алармантната состојба со воздухот, водата и отпадот низ целата држава, Меџити ја користи својата функција за одбрана на тесно партиски, клиентелистички и криминални интереси. Уште пострашно – секоја критика кон неговата работа ја претставува како етничка закана, прикривајќи ги со етнички чадор реалните, животозагрозувачки проблеми за кои тој е надлежен да ги решава.
Меџити, слично како неговиот поттрчко Висар Ганиу, заборава дека криминалното делување не познава вера и националност, туку подеднакво им наштетува на сите македонски граѓани, без разлика на нивната етничка припадност.
Скопје, Тетово, Кичево, Битола се европски шампиони по загаденост, а министерот се нема ниту произнесено, а не пак да го решава проблемот во овие градови;
Крива Река се претвори во отровен канал полн со цијаниди поради негрижа околу рудникот Тораница. Ниту еден одговорен повикан на одговорност;
Кичево се дави во отпад, додека министерот си се слика со градежни лобисти;
Во Охрид природното и културното наследство се уништува со дивоградби и градежен криминал;
Преспа умира во тишина, без план, без каква било интервенција;
Проектот Бехтел и Енка продолжува со минирање на ендемични подрачја.
Наместо да реагира, Меџити избира да глуми политички маченик со сценарија полни со етнички драми, обиди за манипулација на јавноста и одбрана на градежниот криминал кој го претвори Чаир во бетонска џунгла и опасно место за живеење.
Изет Меџити – “Министерот за дивоградби” е симбол на еден расипан систем во кој политичката моќ и функција се користи за заштита на криминалните картели, кланови и коруптивни структури, наместо за заштита на граѓаните.
Оттука, јавно го прашуваме: Дали Меџити планира да преземе нешто за она што е надлежен и за кое граѓаните скапо го плаќаат, или се доживува како министер за стимулација на криминал и дивоградби?” – реагираат од Левица.
