МЕЃАШИ со остра реакција за конкурсот на творби за НАТО

Сподели

Реакција на Првата детска Амбасафа во светот “Меѓаши” по повод конкурсот за НАТО за деца на возраст од 4 до 17 години.

“Загрижени сме по повод објавениот конкурс за творби за светското одбележување на 70 годишнината од формирањето на Северно- атлантската алијанса (НАТО пактот). Темите на конкурсот кои „би ги доближиле претставите, поимот и значењето на НАТО“ сметаме дека се промоција на воени теми и идеи, а спорна е и возраста на децата, особено најмалите бидејќи конкурсот е наменет за деца на возраст од 4 до 17 години. Обид за манипулација и индоктринација на деца од основните и средните училишта во Македонија.

Првата детска амбасада во светот МЕЃАШИ остро реагира на активноста на „ГАУС институт – фондација за нови технологии, иноваации и трасфер на знаење“ на последната активност за одбележување на годишнинаната на НАТО алијансата во основните и средните училишта. Формата е класичен начин на одбележување на годишнина преку раскази, есеи и цртежи каде се дава можност дури и за критики, но сепак забележлив е позитивниот контекст кој се дава на НАТО алијансата и одбележување на годишнината.

Првата детска амбасада во светот МЕЃАШИ цврсто верува и се залага за промоција на мирот и ненасилната трансформација на конфликти, воедно верувајќи дека свет без алијанси кои промовираат моќ, демонстрираат сила и сеат страв, би бил подостоен за живеење. Идејата за заштита и промовирањето на заштитата како основа за формирање на вакви алијанси не ги исклучуваат можностите за агресија и напад преку што се нанесуваат неизмерни штети со бројни жртви. Едукацијата за формите за одбрана и агресија преку соработки меѓу земјите во светот треба да се изучува во наставните програми и јасно да се даде на знаење на децата за ефектите и бројот на жртви како последица од активностите на ваквите воени алијанси. Поради страотните информации и слики како и видео прилози од ефектите на делувањето на овие алијанси децата во училиштата ги учат причините за формирање, но не толку и последиците од формирањето и со право е тоа така. Сакаме да ги заштитме децата од трауми!

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска ги повикува учениците да се вклучат во пишувањето на есеи преку својот фејсбук профил притоа непотенцирајќи дали да пишуваат за последиците или за причините за формирање, за позитивните ефекти или негативните или пак за статистиките на загинати деца во конфликтите во кои учествувала алијансата? Можеби се работи за тема која ќе ја разбуди емпатијата кај средношколците и би пишувале за децата чии родители загинале во воените конфликти и животот по загубата на родител, или пак за животот на родители по загубата на дете во еден таков воен конфликт од кој НАТО било дел.

Во период на значааен технолошки развој и изолација на децата преку користење на напредна технологија и земја во која се загрозени многу основни човекови права, каде владее сиромаштија и има потреба од изнаоѓање на форми за решавање на сите овие основни прашања, зарем награди треба да се добиваат за глорификување на воена алијанса од која сеуште не сме ни дел?

Првата детска амбасада во светот МЕЃАШИ ги повикува и поттикнува учениците кои решиле да конкурираат на овој конкурс добро да се запознаат со НАТО алијансaта, со сите негативни импликации, да ги согледаат поготово последиците и да се обидат да ја почуствуваат болката и тагата од војната и да ги пресликаат тие чувства на есеите со кои ќе аплицираат. Бидејки ние сме луѓе, а луѓето треба меѓусебно да се почитуваат, сакаат и разбираат.

Без оглед што овој конкурс е дел на одбележување кое се одвива паралелено во сите земји членки и партнери на НАТО сметаме дека не придонесува кон позитивно влијание врз растот и развојот на децата. Се согласуваме со јавните критиките упатени кон оваа манифестација, особено со ставовите и прашањата на Илија Ацески, професор на студиите по социологија при УКИМ во текстот „Ученици и наставници пишуваат есеи за Алијансата“ објавен на порталот ,,Нова Македонија“ на 29.03.2019г.,  односно „која е целта на ваквите проекти и дали е тоа обид за популаризација на НАТО во македонското општество и на некаков начин да се премоделира сегашната првична асоцијација кај поголемиот дел од населението за Алијансата што поимот НАТО го изедначува со уцена за промена на името на државата? И воопшто, колкав е степенот на информираност на децата за да восприемат и да се идентификуваат со претставите, значењето и потребите за постоење на некаква воена алијанса.“

ПДАС Меѓаши и порано укажувала на политичка, партиска и воена злоупотреба на децата за агитирање и кампања за влез на Македонија во НАТО. Повторно сметаме дека со вклучувањето на децата во политички цели се повредени следните права од членовите од Уставот и Законот за заштита на децата.

Чл. 3 од Конвенција за правата на детето

„Во сите активности кои се однесуваат на децата, од примарно значење се интересите на детето , без оглед на тоа дали ги спроведуваат јавните или приватните институции за социјална заштита , судовите, административните органи или законодавните тела.

Државите членки се обврзуваат на детето да му обезбедат таква заштита и грижа кои се неопходни за неговота благосостојаба , замајќи ги во вид правата и обврските на неговите родители , законските старатели или на други поединци кои се правно одговорни за детето и за таа цел ги правземаат сите потребни законодавни мерки.

Државите членки се грижат сите институции, служби и установи кои се одговорни за грижа или за заштита на децата да бидат во согласност со стандардите што ги имаат утврдено надлежните органи , особено во областа на сигурноста и здравјето, бројот и достојноста на персоналот , како и на стручниот надзор.“

– чл. 118 од Устав – „Меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.“

– чл. 42 од Устав – „Републиката посебно ги заштитува мајчинството, децата и малолетните лица.“

– чл. 12, став 4 од Законот за заштита на деца, „се забранува злоупотреба на децата поради политичко или верско организирање и дејствување.“

Собранието ја има усвоено Декларацијата за заштита на правата на детето од политичка манипулација и злоупотреба донесена во 1991.

Апелираме на внимателно и промислено однесување на политичките партии на власт и поставување на теми кои ќе промовираат соживот и позитивни вредности кај децата и младите без присуство на воени структури и воени дејствија – стои во реакцијата на МЕЃАШИ.