Вести Свет Ударни вести

МЕЈ: Велика Британија ќе ја напушти ЕУ на 29. март како што е планирано

Сподели:

Британската премиерка, Тереза Меј, изјави дека Велика Британија ќе ја напушти Европската Унија на 29 март, како што е планирано, додавајќи дека одговорност на сите страни е да постигнат договор.

Британската премиерка, Тереза Меј, изјави дека нејзината земја нема да настојува да го одложи Брегзит, дури и доколку Лондон и Брисел не успеат да се усогласат за прашањата околу трговијата и регулирањето на границата во Ирска, јавува Anadolu Agency (AA).

„Малку време има, но продолжување или одложување на овие преговори не е опција“, рече Меј во обраќањето на самитот во Салцбург.

Истакна и дека Велика Британија ќе ја напушти Европската Унија (ЕУ) на 29 март, како што е планирано, додавајќи дека одговорност на сите страни е да постигнат договор.

Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, на почетокот на самитот на ЕУ истакна дека договорот и понатаму е далеку, напоменувајќи дека за прашањата за трговијата и границите во Ирска треба уште да се преговара.

Истакна дека и понатаму се можни различни сценарија, вклучувајќи и исход без постигнување договор помеѓу Брисел и Лондон.

Владата на Тереза Меј е соочена со сè посилни повици за ново гласање откако се обелоденети условите на британските идни односи со ЕУ.

Велика Британија би требало да излезе од ЕУ во март наредната година и да влезе во транзициски период.

Претседателите на државите и владите членки на ЕУ во четвртокот го започнаа неформалниот самит во австрискиот Салцбург, а процесот на истапување на Велика Британија од Унијата (Брегзит) и нерегуларните миграции се главни теми.

Сподели: