Мексико: Уапсен Лопез Нунез, крал на нарко картел и наследник на Ел Чапо

Сподели

Еден од најбараните лидери на нарко картелите и меѓународниот шверц со дрога, Дамаско Лопез Нунез, уапсен е во Мексико Сити, јавува Anadolu Agency (AA).

Омар Хамид, претставник на Државното јавно обвинителство на Мексико, потврди дека Лопез Нунез е уапсен во вчерашната полициска акција, при рација во еден станбен објект во североисточниот дел на Мексико Сити.

Претставникот на јавното обвинителство соопшти дека за време на приведувањето немало инциденти, ниту отпор од другата страна.

Лопез Нунез е еден од првите луѓе на озлогласениот мексикански картел Синалоа, кој се занимава со шверц на дрога, перење пари и други криминални дела во Мексико и пошироко.

Мексиканските истражни органи сметаат дека Лопез Нунез е предводник на најголемиот нарко картел во Мексико и дека е наследник на Хоакин „Ел Чапо“ Гузман, кој во јануари беше испорачан на САД.

Претходно, САД до Мексико упатија барање за екстрадиција на Лопез Нунез поради перење пари, а претставникот на јавното обвинителство, Хамид, во утринското обраќање до медиумите изјави дека мексиканските органи чекаат формално барање и потоа ќе биде разгледано прашањето за неговата испорака.