Здравје Магазин

Метеопатија – симптоми, реакции и справување

Метеопатијата е група од симптоми и реакции кои најчесто се манифестираат при  промена на еден или  повеќе метеоролошки фактори – промена на температурата, атмосферскиот притисок, влажноста на воздухот, ветер, громотевици, дожд, итн.

Сите луѓе реагираат со различен степен на изразеност на тегобите при неповолните временски промени. Ретки се оние кои позитивно се чувствуваат на изразено високи или ниски температури. Повеќето луѓе негативно реагираат на истите промени. Статистички гледано најчесто страдаат жени во средна возраст, постарите лица и хроничните болни. Постојат два типа метеопатија и тоа: примарна или основна која се јавува кај здрави лица и се манифестира со промена во расположението, телесна слабост, апатија  или болка во мускулите и зглобовите за време на промените  и секундарна метеопатија, која се јавува кај хроничните болни со  покачен крвен притисок, срцеви и белодробни хронични заболувања, дегенеративни заболувања на коскено-мускулно-зглобниот систем, т.е. кога хроничното заболување се влошува под  дејство на моменталните временски неприлики.

Тегобите може да се јават неколку дена пред појавата на временските неприлики  и да траат за време или ден два после јавувањето на истите. Обично траат неколку дена. Може да се манифестираат  како апатија, несоница, главоболки, вртоглавици, мачнини, несвестици, ревматски болки, болки во мускулите и во пределот на стари повреди, ишијалгија, отрпнување во екстремитетите, намалена осетливост на екстремитетите, намален слух, вид, забрзана работа на срцето, варирање на крвниот притисок. во ризична група спаѓаат старите лица, пушачите, луѓето со преживеан мозочен удар или срцев удар, астматичарите, итн.

КАКО ДА СЕ СПРАВИМЕ СО МЕТEОПАТИЈАТА?

Да се следи временската прогноза со што навреме би се подготвиле за промените што доаѓаат,правилна исхрана  богата со витамини и минерали внесени  преку овошјето и зеленчукот,да се внесуваат течности во доволно количевство (до 2 литри на ден), како и спиењето,кое помага да се регенерира организмот. Препорачливо е најмалку 30 минути да се поминува на свеж воздух секој ден, далеку од градската врева и метеж, пешачење до 30 минути, туширање наизменично со топла и млака вода, со што би се подобрила циркулацијата и  би се спречило влошувањето на тековните состојби.

Сподели: