Мециновиќ: Боледувањето не е куќен притвор

Сподели:

Пратеничката група на Левица ќе предложи законски измени со кои правото на боледување ќе се уреди на законско ниво, наместо суштинските права на работниците да зависат од подзаконски акти на Фондот. Предлогот доаѓа откако Фондот најави скратување на боледувањето и контроли на работниците во нивните домови.

„Несомнено е дека има злоупотреби во боледувањето и во механизмот на боледувањето, но не можеме поради тоа да воведуваме мерки со кои секој работник ќе биде третиран како потенцијален злоупотребувач. Во јавната администрација имаме луѓе од ДПМНЕ кои за време на работното време, без боледување, излегуваат и држат прес-конференции. Ете, тоа е едната екстрема за злоупотреба. Од друга страна, ги имаме работниците во големите индустриски капацитети, кои не само што не ги уживаат правата кои треба да ги уживаат, туку во овие фирми од време на време имаме и смртни случаи.“ – истакна пратеникот Амар Мециновиќ на денешната прес-конференција.

Наместо да се бараат причините за масовното користење на боледување во условите во кои работат луѓето, Фондот предлага работниците да се контролираат во нивните домови. За нас, злоупотребата треба да се санкционира преку контрола на процесот на одобрување на боледувањето, а не преку нарушување на достоинството и приватноста на работникот.

Боледувањето не значи дека човекот е должен 24 часа да биде дома. Работникот може да биде кај лекар, во аптека, лабораторија, на терапија или рехабилитација, а кај определени здравствени состојби движењето може да биде дел од препорачаниот медицински режим. Самото незатекнување на работникот на адреса не може автоматски да се претвора во доказ за злоупотреба.

„Боледувањето не е куќен притвор. При времената спреченост за работа значи дека човекот во определен период медицински не е способен да ги извршува своите работни задачи. Тоа само по себе не значи дека човекот е должен 24 часа да биде во својот дом.“

Правото на боледување не е привилегија ниту подарок од работодавачот, Фондот или Владата. Тоа е право кое работникот го стекнува преку својот труд и преку придонесите што ги издвојува. Затоа со закон мора прецизно да се утврдат правата и обврските на работникот, овластувањата на Фондот, товарот на докажување и правото на приговор и жалба.

„Мораме негде да ја повлечеме цртата. Ова е моментот да го одземеме правото на Фондот подзаконски да ја уредува оваа материја и да ја издигнеме на ниво на Собрание, затоа што логиката на Собранието е дека не може да се собереме два милиони во една зграда, туку го делегираме нашиот заеднички суверенитет на 120 луѓе. И тие 120 луѓе имаат директна обврска да ја штитат социјалната држава, нашите работници и најслабите помеѓу нас.“

Сподели: