Утре, на 19 септември од 20 часот на сцената на Националната опера и балет ќе биде изведен балетот „Шехерезада“ од Николај Римски-Корсаков – ремек-дело инспирирано од „Илјада и една ноќ“, кое ја спојува магијата на ориенталните приказни со раскошот на балетската уметност.
Под диригентската палка на Бисера Чадловска, со кореографија на Михаил Крапивин и првична постановка на Михаил Фокин, сценографија на Марија Ветероска и костими на Маја Бурсаќ, публиката ќе има можност да ја проследи оваа приказна исполнета со страст, љубомора, интрига и мистерија.
Во улогите настапуваат Наташа Трендафилова Гицев и Балаж Лочеи од Унгарија, заедно со првенците, истакнатите солисти, солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.


