Министерство за култура ќе го испитува трошењето од службените картички

Сподели

Во врска со објавените информации од јавен карактер од страна на Министерството за култура на Република Македонија, а кои се однесуваат на трошоците направени преку службените картички на носителите на највисоки функции во структурата на Министерството во периодот од 2011 до 2017 година, ја известуваме јавноста дека во Министерството за култура веќе се преземаат конкретни активности за утврдување на начинот, на кој овие картички биле користени од страна на функционерите и сите овластени лица од нивните кабинети.

Одделението за внатрешна ревизија при Министерството за култура детално ќе го испита трошењето на средства од службените картички. Доколку се утврдат пропусти и неправилности, за истите ќе бидат известени надлежните органи, коишто се задолжени за понатамошно постапување и покренување на соодветни пријави против сите инволвирани лица.

Би сакале да ја потсетиме јавноста дека службените картички им биле доделени на функционерите за трошоци поврзани исклучиво со нивните службени активности и потреби во случај кога тоа е навистина неодложно, а не за лични потреби и трошоци.