Мицкоски: Илинден не е почетокот, туку влегувањето во финишот на една вековна борба за слобода

Сподели

 

“Денес Македонија ги празнува двата светли Илиндена, првиот кој беше крик на поробениот народ и вториот, таа 44та, кој беше продолжение на првиот и кој значеше крунисување на нашата борба за своја Македонска држава. И секогаш кога ќе се спомене Илинден треба да се има во предвид дека Илинден не е почетокот, туку влегувањето во финишот на една вековна борба за слобода, каде многу генерации херои и хероини ги положија своите животи. Илинден не е само Крушевското востание, туку многу повеќе од тоа, воскрикот на Македонецот на секоја педа македонска почва.

Илинден е и отпорот и пркоста на Тамшаруништа, жилавоста на битолските и охридските комити и војводи, отпорот на секој слободномислечки Mакедонец против тогашната власт која притискала, прогонувала и заробувала.

А ВМРО, ВМРО е темелот на Илинден, составен дел од таа борба за слобода и затоа ВМРО му припаѓа на Македонецот. Тоа е неговиот сопатник и пријател низ времето. Вториот Илинден е само продолжение на тоа каде се стигнало со првиот. Партизаните кои го носат пламенот на слободољубието наследен од Илинденците конечно победуваат и ја плаќаат високата цена за денешната слобода. Во таа борба подеднакво се големи сите титани кои се нашите македонски апостоли на кои имаме и историско и културно право да се повикуваме.

Гоце Делчев беше идеологот на таа борба за слобода чија судбина не сакаше да го дочека Илинденското востание, но неговото име и чест продолжуваат да живеат. Тука се и Даме Груев, Татарчев, Никола Карев, Ѓорче Петров, Христо Узунов, Методиј Патчев, се до Ченто, Пирузе, Панко, Апостолски. Сите се овие македонски синови од кои не смееме и немаме ниту историско право да се одречеме ниту да го посрамотиме нивното дело”. – изјави Христијан Мицкоски при посетата на Ташмаруништа за Националниот празник Илинден.

Изјави, Христијан Мицкоски