Мицкоски: Објавената нота од Софија го загрози моето семејство

Сподели:

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека не очекува позитивен развој во односите со Бугарија во контекст на евроинтегративниот процес, оценувајќи дека последните сигнали од Софија не даваат причина за оптимизам. На новинарско прашање дали очекува напредок во разговорите со Бугарија, Мицкоски рече дека ситуацијата, според него, дополнително се радикализира.

“Еве вчера видовме еден преседан во дипломатијата кога излезе дипломатска нота за тридневен престој на мојата сопруга со мојот помал син кај наши паријатели, да речеме, во Пампорово, нешто што е невообичаена пракса во светот на дипломатијата и можеби единствена како таква. Сепак ние сме земја членка на НАТО. Јас ја користам оваа прилика и на мојата сопруга и на мојот помал син Антонио да им се извинам што мора сето ова да го трпат. Но, сите овие индикатори коишто ги гледаме не велат дека одиме кон подобрување, туку напротив, имаат некои аматерски потези коишто за мене се тотално неразумни и нејасни, но, како и да е, ние да си останеме фокусирани на тоа што е наша задача, а тоа е да испорачуваме за Реформската агенда, да ги правиме реформите дома, да ја градиме економијата, да раснеме итн. Тоа е она што претставува наша задача како влада, тие нека си ја тераат својата работа, ние работата за којашто сме бирани од граѓаните, а тоа е да испорачуваме проекти и да решаваме проблеми“, изјави Мицкоски.

Сподели: