Мицковски со главата во ѕид – Мерсел БИЉАЛИ

Сподели

„Пред изгрејсонцето и по зајдисонцето влезот во градот строго е забранет“. Вака пишува на таблата на влезот на древниот индиски град Бангар. Кој ќе го прекршел таквото правило, мистериозно исчезнувал. Локалното население и службениците раскажуваат како бројни луѓе кои не верувале во такво нешто и одлучле да преноќат во градот, никогаш веќе не биле пронајдени! Никој не знае дали тоа е некаква необјаснива енергија, некој чуден природен феномен или вонземска сила, но факт дека ноќе во градот многу трагедии се имаат случено. Според легендата, таквата мистерија потекнува од клетвата на еден важен духовник по име Баба Балнат, кој прв изградил куќа во тоа место. Но, кога и други почнале да градат, тој ги замолил сонцето никој да не му го попречи оти неговата душа се хранела со сончеви зраци. Инаку ќе фрлел страшна клетва и градот ќе бил пуст. Тоа и се случило, кога еден принц подигнал висока палата затемнунувајќи му го сонцето. Од тогаш и многу векови наваму, во градот ноќе нема жив човек. Замоците и палатите се сосема празни. А дење градот служи како голема туристичка атракција.

Референдумот се наближува. Евроатлантскиот пат силно го грее сонцето. Тоа сонце никој не сме да го попречува, оти клетвата од два милиона луѓе ќе го снајде. А поради тоа целата држава ќе може да остане без луѓе и да служи само како туристичка атракција. ВМРО актерски плука по „капитулантскиот“ Договор и референдумот, продолжувајќи и понатаму од болните општествени девијации да направи здрава политика. Омразата да ја прикаже како љубов, лагата како вистина, измамата како чесност и принципиелност, погубното како вредност! Со таква политика низ години секој ден ни беше црн петок.

Мицкоски игра ептен слабо, затоа што освен што удира по главните столбови на државата, тој директно ја предизвикува геополитиката зад која стојат најмоќните држави на светот. Штетата може да биде огромна и за самиот Мицкоски и неговите патрони, а партијата од трнлив пат ќе ја носат кон слеп пат. И тука нема шанси да не се случи внатрепартиски земјотрес. Тој удира по референдумското прашање, со што јасно покажува дека не сака успех. Можниот неуспех ќе му се препишува лично нему, а цената ќе биде астрономска. Мицкоски не само што оди со главата во ѕид, туку упорно сака да ги убедува луѓето дека пеколот е подобар од рајот. Секому е јасно, Договорот со Грција не е направен поради нечиј ќеф или забава, туку поради НАТО и ЕУ, и овие сегменти се неразделливи и во однос на референдумското прашање. Прашањето мора да биде комплементарно, оти колку што е нелегитимно и некредибилно уникатното прашање – „Дали сте за НАТО и ЕУ“, толку е нелегитимно и уникатното прашање – „Дали сте за договрот со Грција“. И тука паѓа првата маска на ДПМНЕ. Втората ќе падне кога ќе помине изборната регулатива заедно со ДИК, а третата со тнр. Пржинската влада. И царот ќе е гол – бара амнестија за врвните криминали поради кои страдаа милиони луѓе и кои грабејќи се живо нѐ сместија меѓу последните во светот.

Не дека Мицкоски ќе го убедел Мицотакис без ерга омнес, оти тој ни со тоа не е согласен, туку овдешните подземни патрони кои со години направија надземни злодела бараат да не го вратат ограбеното. И затоа фасадата мора да се намачка со историја и патриотки лак, за вистината да не биде видлива. А никој не сака да оди во минатото, а и никој не се вратил оттаму. Јавачите на апокалипсата сметат на кокошкината интелигенција кај овдешните луѓе. Ама сеуште се свежи – ендеците, јаките шамари, големите провизии, МВРО-ВМРО, перењето пари, насилното преземањето фирми, циганите за уши, па и војните (а да почнеме војна?!) Мицкоски се нафатил да ги прочита книгите кај што ѓаволот ги прелистува страниците. Тој треба да знае дека никој нема право да ги амнестира нашите пари. Нека ги вратат милијардите со камата, па тогаш можеби луѓето ќе се смилуваат. Секој жив човек  (а и доста мртви), е ограбен за околу 2.500 евра, тоа значи дека просечно петточлено семејство е ограбено за 12.500 евра. Тие пари не можат да се амнестират. Не е можно милост за толкава немилост!? Тие сметаат на логиката – добриот го заборава понижувањето, како што лошиот доброчинството. Фирмата “Mosak Fonseka” ги објави „рајските хартии“ (околу 12 милиона документи), за поединци и компании кои инвестирале во off-shor зоните за да не платат данок, а бајаги од нив переле пари за истите да изгледат многу чисти. Со месеци “Suddeutche Zeitung” ги полни страници со имиња на фирми и поединци кои толку патриотски переле пари. И тоа не помалку од фантастични 1.000 милјарди долари. Засега курбан завршиле само пакистанскиот премиер Nawaz Sharif и исланѓанецот Gunlaugson. И нам „рајските строви“ ни создадоа жив пекол. А патриотизмот го користат како завеса за да не се види таквиот пекол што го создадоа за нас. Ама на вистината не и се потребни многу зборови, но на лагата никогаш не и се доста. Таму сеуште има и многу овдешни големи „патриоти“ на кои толку им „пречи“ договорот со Грција!!! А истите ги доведоа луѓето до изгладнетост, и религиозно испаднаа поефикасни и од самите свештеници, оти доведоа до вечни пости. За колективната диета и докторите вода можат да им носат.

Бојкотот на референдумот (било и индиректно), освен што ќе е пукање во коленото на државата, туку погубно ќе биде и за самата ДПМНЕ. Веројатно ќе следи покајувачко расположение кај негативците, а тоа ДПМНЕ целото ќе го закопа. А власта излез ќе најде во наредните избори, но ДПМНЕ ќе отиде под стечај. Наместо да носи вода со кофа без дно, Мицкоски треба да се ослободи од црната магија од минатото водство. Краткорочната жртва ќе му е најсигурна долгорочна инвестиција. Тој најљубезно треба да се поздрави со нив. Поинаку не би сакал ниту на сон да бидам во неговото место. Грчкиот портал „Athens voice“ детално објави мрежа и пајажина на злото. Нели во откритијата на американските служби (и механизмите на НАТО) во соработка со Националната разузнавачка служба на Грциј а- се ковал пеколен план за Македонија! А сето тоа на врат ќе му биде на Мицкоски.

Конечно владата мора поорганизирано да пристапи кон референдумот. Мора да се ангажираат бројни внатрешни и надворешни НВО, дипломати, интелектуалци, експерти и сите добронамерници, со цел да се спасиме од таков пеколен план. Нели програмираната војна во Куманово покажува дека имаме работа со болен ум кој е спремен на сѐ за да не ги врати парите. Минимално нормален човек нема да ја грабне целата држава! Професорот Малески со право вели дека ако пропадне овој договор, наредниот ќе биде катастрофа. Ако воопшто ќе има кој да го склучува. Излез мора да се најде дури и со референдум избори. Тоа барем може да биде помало зло. На сѐ ова веројатно Заев кога се нафатил на вакви тешки проекти (за себе), а спасувачки за државата ја имал предвид Черчиловата – „Ако посакувате успех, треба главата да ја метнете во устата на лавот“.