Колумна

ХИРОВИТЕ НА ПОЛИТИЧКОТО ЛУДИЛО – Георги АЈАНОВСКИ

Сподели:

AJANOVSKI

Сега, кога почнува да се отплеткува клопчето околу аферата “Трезор” и се надзираат неговите стравични мафијашки димензии, испреплетени со мрежа од криминални инсталации ширум светот, со разработен систем на коруптивни активности насочени кон ограбување на државата, на патолошката страст, низ прислушкувачки операции да се проникне во личната и општествена интима на луѓето и потоа душмански да се манипулира со нивните судбини, на решеноста на суров начин да се прикријат  и уништат материјалните и човечки траги за извршените недела, станува многу повидно што можело да и се случи на македонската држава и на нејзините граѓани доколку не се појавеа т.н. “бомби на Заев”.

Едноставнo, ќе продолжевме да живееме со уверувања дека груевистичкиот режим навистина ја ужива довербата на мнозинското гласачко тело, дека владее чесно и согласно законските и морални принципи, дека работи посветено и пожртвувано на напредокот на земјата, што се` заедно би значело дека власта на ДПМНЕ ќе можеше непречено да урива и да ја тероризира државата и во следната деценија. Со употреба на изборни измами и фалсификати, неконтролиран и без било каква одговорност, тој режим беше во позиција во недоглед да ја зацврстува својата политичка моќ и неограничено да располага со нашите животи и со крчмењето на народниот имот.

На тој начин, неколку фамилијанизирани политиканти од ковот на Груевски, братучедот Мијалков, кумашинот Ставревски, со помош на дузина слепо оддадени партиски послушници, здружени и организирани во злосторничка банда, беа подготвени македонската агонија да ја устоличат како траен владејачки модел кој што им овозможува неказнето да крадат, да лажат, да фалсификуваат избори, да прислушкуваат и прогонуваат политички опоненти, да измислуваат и величат лажни историски, национални и културни вредности, односно да се сладат и мајтапат со државата и народните страдања.

Тешко може да се претпостави до каде сето тоа можеше да води и каква ќе беше цената што требаше да се плати за хировите на ова политичко лудило, доколку во последен момент не почна разобличувањето на неговото маскирано лице. Денес сме сведоци, како од час во час расте стравот и паниката во редовите на властодршците од блиската пресуда за нивните недела: хистеричен обид со употреба на сите можни средства, политички, правни, подземни, уличарски, да се спречи и оневозможи правдата да стигне до својата цел. Сцените од крволочната пресметка со гонителите од СЈО и тимот на Катица Јанева, се само најава на што се` е решена власта за да ги спаси главешините на криминалната дружба. А, се работи за објава на нивни првични истраги, по кои што најверојатно ќе следат многу други, со уште пострашни и подраматични сознанија за функционирањето на таа бандитска творба.

Бившиот премиер Груевски беше во право кога објави дека во држават бил изведен “пуч”, но, погреши во едно: тоа не беше дело на странски служби и жолти шпионски комбиња, на домашни платеници и соросоиди, ниту на прогонетата опозиција и нејзиниот лидер Заев, туку државен преврат извршен од страна на неговиот режим, организиран и раководен лично од него и неговата “фамилија”, преку суспензија на уставниот и правен поредок, газење на законите, деградација и потчинување на сите институции и нивна целосна партизација, криминализација и корупција на сите нивоа во власта. Тоа беше “пуч” на долго прикриваната вистина за начинот на неговото владеење, за уцените и застрашувањето на политичките неистомисленици, за незаконските плацеви на водно, за кинеските и израелски провизии, за купените гласови на “малите човечиња” за нарачаните и диригирани судски пресуди, за шамарењето на градоначалниците и многу други криминални активности, спроведени под негов надзор и со негово одобрување.

Според тоа, најзаслужен за можниот близок демократски преврат не е никој друг, туку лично Никола Груевски, кој што во занесот на својата политичка надмоќ, заборави дека секоја тиранија, кога-тогаш ќе заврши како фекален отпад во канализацијата на историјата. Од тој аспект, изборите во декември се вистинската можност, таа неподнослива реа од тоталитарниот гнилеж да биде проветрена со силни демократски дезинфекциски средства за да никогаш повеќе не се случи македонскиот политички живот, да биде загаден со фикциите на разно-разни самопрогласени месии и национални спасители.

Сподели: