„Загрозени се над 15.000 литри производство на млеко дневно и над 80 сточари кои членуваат во здружението за одгледување на говеда. Млекарницата „Осогово милк“ и млекарницата „Малеш“ до скоро го прекинаа целосно откупот на сировото млеко од сточарите. По извршениот притисок од сточарите, сега продолжи, но со уцени, закани и притисоци до самите сточари, изјави на Прес-конференцијата пратеникот од Левица, Борислав Крмов, за состојбата со млекарите во Малешевијата и Пијанечко.
– Сега сточарите се уценети да прифатат откуп со 30% намалени цени. Уценети се дека имаат фиктивни договори за откуп по пониски цени, иако тие договори никој не ги видел. Понатаму им се тврди дека овој откуп ќе трае да 1 јули и дека работата е земи или остави.
Моменталните цени коишто им ги нудат се 28 денари по литар за големите производители и 25 денари по литар за малите производители. За ние во Р. Македонија да имаме одржливо производство на млеко треба да имаме над 30 денари по литар за сирово млеко.
Инсистираме власта да преземе итни мерки. Прво и основно да го гарантира целосно откупот на домашното млеко и контроли на увезеното млеко и млеко во прав за да се заштити домашното производство.“


