Вести Колумна Став Текстови

Цената за слободата и државата – Александар ЛИТОВСКИ

Сподели:

 

Се навикнавме во овие транзициски години на десничарски и неофашистички македонски ревизионизам, многу килави и метилави пазарџии и национални конвертити да фрлаат ѓубре врз македонските ослободители и државотворци.

Александар Литовски

Најперверзно е што меѓу тие болни луѓе има некои кои се сметаат за наша општествено-политичка „елита“, а се партизански деца и внуци, персони чии претци се бореле за создавање на државата македонска и за правото и слободата на национална самоидентификација на народот македонски. Има меѓу ревизионистите и некои историчари-опортунисти, кои порано беа членови на партијата комунистичката, уживаа привилегии во време на социјализмот, пишуваа панегирични историски четива за комунистите и нивната борба, а денес глумат големи македонски националисти и „комити“ воодушевени од Тодор и Ванчо. Тоа, всушност, се обични идеолошки превртливци и национални несреќници, кои со лигавење и историографска дијареја пред денешните големци на антимакедонските и антикомунистички политички партии, се обидуваат финансиски да профитираат. И, секако, без никакви дилеми – дебело профитираат.

Во создавањето на ревизионистичкиот потоп од плуканици, најмногу придонесуваат потомците на фашистичко-бугарските колаборационисти, оние бедници чии дедовци и стриковци останале, незаслужено, живи, благодарејќи на милоста и големата доблесност на Колишевски и комунистичките владеачки структури, кои под форма на создавање на широк народноослободителен фронт, извршиле масовна политичка и кривичноказнена амнестија. Овие неофашисти, необалисти и пробугарски неоврховисти, секојдневно плукаат врз националноослободителната партизанска армија и македонските државотворци, не можејќи да го прифатат срамното национално предавство и одродништво на нивните претци. Мислат, секако напразно, дека со клевети, со лаги за историјата, со апсурдни фантазии, спакувани како историографски ревизионизам, можат да го променат во победа некогашниот пораз кој го доживеале нивните фашистички и антимакедонски претци.

Победниците!

Деновиве се навршија седумдесет и осум години од ослободувањето на последниот македонски град од страна на македонските партизани, кои под команда на генералот Михајло Апостолски и под врховно заповедништво на Јосип Броз–Тито, ги поразиле и уништиле балистичките и германско-фашистичките вооружени формации. Тоа биле деновите кога туѓинските окупаторски чизми дефинитивно биле протерани од македонската земја, кога грмотевиците од македонските гранати и топови го прогласиле раѓањето на една македонска национална слобода и нова македонска национална држава.

Македонската народноослободителната војска ја исполнила својата македонска патриотска должност со поразување и протерување од земјата на странските окупатори и домашните предавници и со создавањето на Демократска Федеративна Македонија. Непроменлив историски факт е дека македонската партизанска пушка ги порази и царборисовите легиони, и балистичките банди, и италијанските воено-полициски парадери, и моќните дивизии на Вермахтот, и многубројните окупаторски соработници од бандите на Ванчо Михајлов… Секако, сите овие победи беа извојувани со содејство на Народноослободителната војска на Југославија, а во завршните операции и со содејство со непобедливата Црвена армија, ослободителка на човештвото од нацифашизмот.

Врховистичките ревизионисти!

Деновиве, повторно, се јавија пробугарските врховисти, за да ни ја преповторат лагата дека во ослободување на нашата столица учествувале бугарските војски. Нè убедуваат, тие антимакедонци, дека неколку години претходно немало окупација од германските и царборисовските фашистички орди, оти ние и онака сме биле под големосрпска окупација. Глупаците си мислат дека тука никој никогаш не слушнал за терминот реокупација, па ќе ни ја продадат својата малоумна врховистичка приказна. Едноставно, сите нормални и писмени знаат дека бугарска окупација не може да се релативизира и сокрие зад старата српска окупација. Но, тоа се оние истите кои, веќе со децении, нè убедуваат дека не сме Македонци, туку Бугари. Оние кои, деновиве, папагалски ги преповторуваат и препишуваат зборовите на антимакедонските „естрадни ѕвезди“ од исток, дека сме живееле во „југословенски тоталитаризам“, дека „комунистите се злосторници“ и дека е нужно од нивното државотворно наследство да се откажеме. Тоа се оние истите кои непрестано лажат за способноста и бројноста на македонските партизански единици, за моралните квалитети на македонските борци и партизански раководители, за измислените масовни стрелања и затворања, за некаков, целосно халуцинантен, терор врз „Бугарите“… Сето ова би водело до исчезнување на асномска Македонија, што е главната антимкедонска цел.

Деновиве, овој човечки и национален талог, кој мрази сè со комунистичка и македонистичка назнака, лае по социјалните мрежи и по медиумите, против Колишевски и македонскте комунисти чии коски беа кршени низ бугарските и српските затвори и кои беа безмилосно ѕверски убивани по македонските планини и по улици во окупираните македонски градови. Психопатите антимакедонски, воодушевени од неолиеберализмот и неофашизмот коментираат и плукаат врз оние мртви македонски херои кои станаа со пушка во рака против семоќниот Трет Рајх и неговата слугинка – царборисовската бугарска солдатеска, а ги величат македонските одроденици и предавници од типот на Михајлов, Татарчев, Дрангов, Чкатров и останатата врховистичка вмровско-фашистичка багра. Ги тресат најглупавите глупости и највелелепните измислици за да ја оправдаат рехабилитацијата на Ванчета и континуитетот со неговата фашистичка и антимакедонска организација. Како што пред неколку години, со каракатурална имитација на бугарската историска антимакедонска нарација, ја оправдуваа и изведоа рехабилитацијата на соидејникот и соборецот на Ванчо, „легендарниот“ убиец на Ѓорче и Сандански, екстремниот бугароман – Тодор Александров.

Анационалните неолиберали!

Но, освен полуписмените ревизионисти кои ги препишуваат големобугарските историски и антикомунистички измислици, деновиве, интересно е однесувањето на дежурните неолиберални ,,умни глави“, кои молчат за рехабилитацијата на ванчовистите и фашизмот и, за чудо,  околу тоа немаат никакво мислење. А, брборат и врескаат, дури, и за „правата“ на кучките и мачките. Молчат како риби тие безлични анационални елитисти и за слободата која денеска ја уживаат благодарение на оние храбри македонски комунисти и патриоти кои се одважија пред осумдесеттина години да се борат и жртвуваат. Таа наша „проевропска“ слабокрвна „елита“, составена од ситни опортунисти, профитери и препредни подлеци, за жал, не чувствува ниту раска морална обврска да го брани антифашизмот. А, би требало да ја имаат таа обврска, бидејќи на голем дел од нив, и имотот и образованието, им се „наследство“ од благонаклоноста на поранешната држава.

Впрочем, неолибералните полтрони на плутократијата, заради сопствениот антикомунизам, можат да ја игнорираат, но не можат да ја променат вистината дека победата во четириесет и четвртата, значеше радикално зголемување на квалитетот на живот и опсегот на индивидуалните слободи и права. Токму таа победа, овозможи жените во Македонија да добијат избирачко право и да станат целосно рамноправни со мажите, овозможи од ниво на скоро целосна неписменост, да се стигне до целосно описменување на населението, овозможи да се изведе индустријализација, за која на други нации им требало повеќе од еден век, овозможи да се случи висока културно-национална еманципација со изградба на мрежа од респективни културни и научни институции, овозможи да се изгради транспортната инфраструктура кој беше целосно разрушена, овозможи да биде обезбеден  бесплатен и квалитетен здравствен систем за сето население, овозможи да се воведе самоуправување, како највисок степен на демократизација…

Честа и славата!

Оттука, македонските граѓани, овие денови не треба да ги слушаат небулозите дека некои туѓинци нè ослободувале, бидејќи тоа е навреда, не само за партизанските жртви од борбата со окупаторите, туку и за македонската национална чест, денес. Нема потреба никој да ги слуша и да им верува на ревизионистичките лажговци за масовните злосторства од македонските државотворци, за измислената „целосна зависност од Белград“, за идиотските равенства меѓу комунизмот и фашизмот, за антимакедонските малоумни изедначувања и паралели на Ванчо и Лазо, на митологиите за Ченто, Павел и Панко, кои иако правоверни комунисти, станале современи симболи за македонскиот антикомунизам.

Македонските граѓани треба да знаат дека огромен процент од предвоените и воените македонски комунисти ги жртвуваа животите во текот на антифашистичката и националноослободителна борба, дека стотици од тие бунтовници и национални непокорници беа затворни и измачувани низ бугарските, италијанските, грчките и албанските затвори, а сè за да се стигне до национална афирмација и слобода. Македонските граѓани треба деновиве да се сетат дека цената за слободата и државата е – непроценлива. Дека нема цена! Оти, беше платена со животите на најдобрите и најдоблесни македонски синови. И, оти, ако се загубат тие вредности, со ништо не можат да се надоместат. Затоа, доколку вистински си ја сакаат својата слобода, својата нација и својата државата, сите македонски граѓанки и граѓани треба, бездруго, секогаш и секаде, да се поклонат пред спомениците подигнати во чест на македонските партизани, со единставена парола: Слава на македонската антифашистичка Победа!

Сподели: