Вести Македонија Став Ударни вести

МНР нема надлежност за управувањето со хакираната страница на Мисијата на ОБСЕ

Сподели:

 

Министерството за надворешни работи тврди дека нема никаква надлежност за управувањето на Фејсбук-страницата на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, откако опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја префрли вината на нив велејќи дека власта се фалела со претседавањето со Организацијата и троши пет милиони евра, а сега сме добиле „Виетнамски хотлајн“.

„По однос на дел од пишувањата на медиуми и официјалните ставови на ВМРО-ДПМНЕ со кое го обвинува Министерството за надворешни работи за хакирање на Фејсбук страната на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, сакаме да ја информираме јавноста дека МНР како претседавач со ОБСЕ нема никакви надлежности во управување на страниците на Мисиите на ОБСЕ низ светот, па така ни во Северна Македонија. Реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ покажува дека партијата нема основни познавања за тоа кои се одговорностите и ингеренциите на Претседателството или намерно шири невистини со цел да наштети на оваа важна меѓународна улога на државата“, велат од МНР.

Од ВМРО-ДПМНЕ за хакирањето реагираа и синоќа и денеска велејќи дека е срамно само неколку дена откако земјава го презема претседавањето со ОБСЕ, страницата да биде хакирана.

За хакерскиот напад вчера објавија од ОБСЕ предупредувајќи ги корисниците на Фејсбук.

„ОБСЕ знае дека Фејсбук-профилот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје е хакиран. Ве молиме имајте предвид дека сите пораки кои доаѓаат од таа сметка до понатамошно известување не се авторизирани од ОБСЕ“, пишуваше во вчерашната објава од Организацијата.

Сподели: