#Одговорност е учебници без грешки, говор на омраза и без навреди

Сподели

odgovornost-e-ucebnici

Многу нелогичности, како и стручни, јазични и дидактички грешки честопати се забележуваат во учебниците за основните и за средните училишта, па дури и во тие што се користат на факултетите.

Изминативе години имаше повеќе скандалозни случаи со литература за основци, средношколци, па и за студенти, во која има смешни дефиниции, погрешни равенки, збунувачки материјали и содржини кои се сосема несоодветни за возраста на децата.

Да ги споменеме, на пример, учебниците по историја, кои „поучуваат“ дека Шекспир потекнува од Шпанија, Самоил бил прогласен за цар, а Византија уште во 12 век војувала со Османлиите,  дека „татковина“ е „состојба на поседување на земја, територија, духовни вредности и содржини кои ја сочинуваат културата на еден народ“, дека Грција излегува на Јадранско Море, дека  пубертетот  „доаѓа со торта што ја направила мама“ , а потоа следува и „пипање на мозолчињата“!

Има многу други „проблесоци“ од кои се шокираше јавноста, а напати работите одеа и дотаму што во некои учебници се пласираа и хомофобни содржини. Состојбите, за жал, се такви што учебникарството  сè уште  не е излезено  од  „пубертет“ и од фазата на „пипање мозолчиња“!

Учебниците на албански се приказна за себе! Низ годините се провлекуваа еден куп јазични грешки, па дури и погрешно напишано име на предметот географија на корицата на учебникот, а албанската јавност реагираше, меѓу другото, и на тоа што Јован Кукузел од Драч е претставен како македонски црковен композитор, како и за тоа што во учебникот по општество на албански јазик знамето на Косово беше претставено како грчко. Сето тоа во време кога во два мандати министер за образование е Албанец.

Учебниците се одговорност на државата, односно на соодветните институции – Министерство за образование, Бирото за развој на образованието, кои  ги избираат и авторите и рецензентите. Примерите што ги пососчивме се само дел од мноштвото грешки и промашувања за кои реагираше јавноста и кои јасно укажуваат дека надлежните, изгледа, не сфатиле дека имаат обврска  да понудат квалитетни учебници и да бидат одговорни како ги трошат народните пари.

meta.mk