МНР: Во Украина состојбите стануваат сѐ посложени, но ниту еден наш државјанин не е повреден

Сподели

 

Поради бројните појавени прашања за состојбите во и околу Украина, со посебен фокус кон состојбата на нашите државјани, Министерството за надворешни работи одблиску ја следи состојбата и ги вложува сите напори за да им излезе во пресрет на нашите државјани кои имаат побарано асистенција за нивна евакуација, соопштуваат од МНР.

“Дозволете да информираме дека Министерството за надворешни работи навремено информираше за влошувањето на безбедносната состојба со постојани апели за напуштање на Украина додека тоа беше сѐ уште изводливо, нешто што над 20 наши државјани го искористија.

Воедно, информираме дека во моментот продолжуваат напорите за извлекување на нашите државјани од Украина. Во директен контакт сме практично со сите пријателски земји и сојузници, и во моментов тоа е врвен приоритет на Министерството.

Во Украина состојбите стануваат сѐ посложени, но информациите во моментот говорат дека ниту еден наш државјанин не е повреден, ниту се наоѓа под директна закана за својот живот.

Информациите се менуваат од час во час, и истите во овој момент ниту од безбедносен, ниту од практична причина не можеме да ги споделуваме. Очекуваме поцелосна информација со завршување на денот, и истите потоа ќе бидат објавени”- информираат од МНР .