Ковачевски – Вархеји: Почетокот на преговорите за Северна Македонија не смее да чека ни ден повеќе

Сподели

 

Како дел од работната агенда за учество на Инвестицискиот самит на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во Лондон, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, се сретна со еврокомесарот за проширување и соседска политика на ЕУ, Оливер Вархеји.

 

 

На средбата, на која присуствуваа и вицепремиерот Фатмир Битиќи и министерот Фатмир Бесими, премиерот Ковачевски и комесарот Вархеји се согласија дека се создадени услови за забрзување на процесот на наоѓање решенија на релација Скопје – Софија. Европската интеграција на Северна Македонија не смее да се одлага ниту ден повеќе и затоа неопходно е да се искористат француското претседателство и поволниот амбиент кој постои во моментов за изнаоѓање решенија, нагласија двајцата соговорници.

На средбата беше истакнато дека Западен Балкан е европски регион и дека интеграцијата на земјите од овој регион подразбира и нивно членство во Европската Унија.

На економски план, премиерот Ковачевски ја истакна одличната соработка со ЕБОР која со поддршката на големите инфраструктурни проекти го следи развојот на Северна Македонија и учествува во забрзувањето на процесите за постигнување на европските стандарди, како една од главните цели на политиките на финансиските институции на ЕУ.