Вести Македонија

Могерини: Не играјте си со оган, не претворајте го ова во меѓуетничка конфронтација

Високата претставничка за надворешна политика и за безбедност на Европската Унија, Федерика Могерини, на прес-конференцијата по завршувањето на советот на министрите за надворешни работи на ЕУ рече дека е загрижена за состојбата во Македонија и на политичарите им порача да не си играат со оган.

– Колку сум загрижена? Загрижена сум, но се обидувам да научам да се издигнам над грижите и да го видам потенцијалот за решавање на институционалната и на политичката криза. Верувам дека она со што се соочува Скопје денеска е сè уште политичка и институционална криза. Најмногу сум загрижена дека ова се претвора во меѓуетничка криза. Ова беше главната порака што им ја пренесов на тие што имаат политичка одговорност. Не играјте си со оган, не претворајте го ова во меѓуетничка конфронтација. Тоа ќе ја уништи земјата и најверојатно ќе се рашири и надвор од државата – рече Могерини.

Шефицата на дипломатијата на ЕУ истакна дека верува во решение за излез од кризата и дека институциите во Македонија ги имаат ресурсите да го пронајдат решението.

– Верувам прво во мудроста на претседателот, а второ во капацитетот на Собранието да продолжи, прво, со избирање на спикер или да ја деблокира ситуацијата за оваа институционална и политичка криза да може да се реши со инструментите што Скопје ги има, без мешање. Се надевам дека мудроста ќе надвладее – додаде Могерини.

Таа не сакаше да истакне детали за посебните излагања на министрите во врска со Македонија, но рече дека генерално сите министри силно ги поддржале пораките што таа им ги пренела по средбите во Македонија.

meta.mk

Сподели: