Вести Македонија Ударни вести

Спасовски: Договорот со ФРОНТЕКС е потврда за интегритетот на македонската полиција за партнерство со ЕУ

Сподели:

 

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервју на Националната телевизија разговараше за вчерашниот успех со потпишувањето на Договорот за оперативни активности спроведени од страна на Агенцијата за Европската гранична и крајбрежна стража (ФРОНТЕКС) во Република Северна Македонија.

За значењето на Договорот со Фронтекс за нашата земја, тој одговори дека преку овој договор е создадена правна рамка преку која ќе се соработува со Агенцијата за Европската гранична и крајбрежна стража (ФРОНТЕКС), за заедничко зачувување на границите, за заедничко управување со границите и за заедничко спречување на прекуграничниот криминал.

 

„Јас сум многу горд што успеавме да го потпишеме овој прв договор со ЕУ, кој има повеќе значења за државата. Првото и најзаначајно што останува во историјата е дека е потпишан на македонски јазик и како прв договор, практично на дело ги покажува перспективите од отворањето на преговори со ЕУ. Горд сум што оваа Влада го внесе македонскиот јазик во официјалните јазици на ЕУ“, подвлече министерот Спасовски.

Тој појасни дека со Договорот на барање на државата може да се распоредат полициски службеници од Фронтекс на критични точки на границите, да работат со нивните македонски колеги, при што сите дејствија се во содејство со македонската полиција.

„Покрај размена на искуства и знаење, ќе може да се користи и целата опрема на Фронтекс, а најголемата придобивка е безбедноста на нашите граѓани на регионот и на ЕУ”, објасни министерот Спасовски.

Министерот Спасовски беше запрашан и зошто толку време се чекаше да се потшише договорот со еврокомесарката Јохансон и кои беа спорните моменти, односно што беше клучно за отстранување на тие спорни моменти.

 

„Првичната иницијатива за договор беше покрената во декември 2016 од Европската Комисија. Ја прифативме, формиравме тим за преговори, македонскиот тим разговараше и во јули 2018 со тогашниот еврокомесар Аврамопулос ние го парафиравме текстот на Договорт со Фронтекс, со што бевме прва држава во регионот која целосно ги заврши преговорите. Зошто се одложи? Заради блокадата од Бугарија. Ние инсистиравме Договорот да биде потпишан на македонски јазик и не отстапивме од тоа. Беа понудени неколку формулации, но ние сакавме договорот да биде потпишан исклучиво на македонски јазик”, објасни министерот Спасовски, додавајќи дека заради промена на европската регулатива, беше отпочнато со нов предлог договор кој беше завршен за експресно кратко време, во две рунди на разговори со ЕК.

„На мое лично задоволство го имаме првичиот договор. Паднаа во вода сите манипулации и лаги од опозицијата дека ЕУ не нѐ признава како македонски народ, со македонски јазик. Напротив, ова денеска што го имаме како документ го признава македонскиот јазик како официјален, народот како македонски, идентитетот сочуван. Како горди Македонци со македонски јазик ќе бидеме дел од ЕУ, кој колку сака нека манипулира за дневнополитички цели – ова се фактите!“, беше дециден Спасовски.

На прашањето дали Договорот има скриени елементи, министерот Спасовски посочи  дека бројни шпекулации се појавуваат за дневно политички цели.

„Зошто одредена политичка структура секогаш кога државата треба да оди напред, се обидува да ја стопира – тоа е многу поважно прашање, историски гледано кој е тој кој постојано сака да застане на патот на државата. Не може да стане збор за никако сокривање во договорот. Како луѓе сите сме сомничави, меѓутоа овој договор треба да се ратификува во Собранието, ќе биде објавен со ‘Службен весник’, што значи секој граѓанин ќе може да го прочита, нема ништо сокриено”, истакна министерот Спасовски.

На прашањето колку како институции и држава сме подготвени за овој договор, министерот Спасовски рече: „Мислите ќе потпишевме договор ако нема потврда за капацитет на РСМ?! Кога реков дека отворањето на преговори не треба да биде мистерија, ова а тоа што ќе се случува – европските вредности ќе дојдат дома. Професионализамот, етичноста, интегритетот, почитувањето на човековите права се темелите на овој договор, како и соработката на македонската полиција со ЕУ, како кредибилен партнер со ЕУ, но и со САД во многу зеднички оперативни акции. Од 2015 година до денес имаме договори со билатерална акција со полициски службеници од Чешка, Хрватска, Полска, Словачка, Австрија, Унгарија, Србија, заеднички работиме на обезбедување на границите. Капацитетот и интергитетот на македонската полиција е достоен да бидеме партнери и со европските земји”, беше дециден министерот Спасовски.

Во текот на разговорот, министерот Спасовски беше запрашан и за дојавите за бомби во осум скопски училишта, тема која го привлече вниманието на јавноста во текот на претходниот ден.

„Вчера имавме дојава во 8 училишта за наводно поставени бомби. Секако дека овие згради беа детално проверени од Одделот за антитероризам и утврдивме дека станува збор за лажни пријави. Истрагата е во тек, ги знаеме првите податоци за тоа од каде се испратени тие меилови. Најважно е да успееме да ги откриеме сите ИП адреси од каде доаѓа овој, би рекол, монструозен чин, без разлика дали станува збор за хибриден напад врз Северна Македонија или политички игри, како една од претпоставките. Без разлика на што се однесува, никој не смее да дозволи да се игра со судбините на децата и на сите нас, ова е сензитивна тема и сметам дека без разлика кој го нарачува сето ова треба да има на ум дека не може да се игра со системот и со граѓаните на Република Северна Македонија”, истакна министерот Спасовски, додавајќи дека пред неколку дена се случи лажна дојава во ЈСП Скопје, а сега се случува во училиштата и ако станува збор за некаква политичка пресметка, таа не смее да се прави врз грбот на граѓаните.

Запрашан околу санкциите кон сторителите, министерот Спасовски повтори дека со оглед на фактот што во најмала рака станува збор монструозен чин, во кој се злоупотребени училиштата, имајќи ја предвид вознемиреноста на децата, родителите, но и граѓаните генерално, казните треба да бидат најстроги.

Сподели: