Вести Македонија Ударни вести

Мукоски и Арнаудов со полициска придружба го напуштија судот

Сподели:

Пратениците Љубен Арнаудов и Крсто Мукоски попладнево во придружба на полициски службеници, го напуштија Кривичниот суд, и беа внесени во полициски комбиња.

Останатите четворица пратеници Јохан Тарчуловски, Жаклина Пешевска, Љупчо Димовски и Сашо Василевски, кои денеска заедно со Арнаудов и Мукоски беа на распит пред судија на претходна постапка за насилствата во Собранието од 27 април годинава, сè уште се во Судот.

Распитот на пратениците траеше неколку часа. Тие одделно дојдоа во судот, а куса изјава за медиумите пред влегувањето даде само пратеникот Мукоски, кој рече дека правно гледано, според него, нема аргументи за притвор, но, како што наведе, остава на судот да одлучи за тоа и верува во него.
Шестемина пратеници пред судот ги пречекаа и неколкумина нивни колеги од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ за да им изразат поддршка.

Јохан Тарчуловски, Жаклина Пешевска, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Љупчо Арнаудов и Сашо Василевски се дел од 36-те лица кои Основното јавно обвинителство ги гони за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, во врска со настаните од 27 април годинава во Собранието на Република Македонија.

Во петокот, Собранието на Република Македонија им го симна имунитетот, а известувањето до Кривичниот суд од Парламентот пристигна вчера по што тоа беше доставено на надлежните судии на претходна постапка, со што се создадоа услови да се постапува по предлогот на обвинителството.

Сподели: