Музеј на Град Скопје: Изложба на фотографии од фрески, црква Св. Ѓорѓи – Курбиново

Сподели

Музеј на град Скопје, 28. март, Изложба на фотографии од фреските, од црквата Св. Ѓорѓи – Курбиново

 

Обновување на сликарството на Црквата Св. Ѓорѓи во Курбиново – Ремек дело на византиската уметност во Македонија

Оваа изложба ги претставува резултатите од проектот Македонски фрески – Маско 360, реализиран од страна на Здружението “Македонида” од Скопје, под раководство на д-р Панче Велков, во соработка со Професор д-р Филип Нивонер од Факултетот за Христијанска археологија и византиска историја на уметност при Универзитетот во Гетинген, Германија, со поддршка на германскиот институт Макс Планк и Министертсвото за култура на Република Македонија.

Фотографиите се направени во пролетта 2016 година, период во кој што веќе беа започнати конзервторските работи во црквата  во Курбиново. Така, иконостасот беше изваден од црквата со што се пружи единствена можност студентите од Гетинген непречено да ги фотографираат светски познатите фрески во курбиновската црква – ремек дело на византиската уметност од 12 –иот век.

По премиерата во Националната институтиција Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Битола  во јуни 2017, оваа изложба ќе има можност да ја види скопската публика. Домаќин на изложбата ќе биде Музејот на Град Скопје, а настанот се реализира во соработка со Здружението Македонида и Завод и Музеј – Битола, со поддршка на Министертсвото за култура на Република Македонија. Куратор на изложбата во Музејот на Град Скопје е Емил Јанкуловски, конзерватор во Музејот.

На отворањето на изложбата во Музејот на Град Скопје, во среда 28. Март, во 20 часот, ќе биде  прикажана и кратка видео презентација која ги претставува резулатите од конзерваторскиот проект на црквата Cвети Ѓорѓи во Курбиново, кој се реализира од страна на надлежната институција Музеј и Завод – Битола , под раководство на м-р Ристо Палигора, советник конзерватор при Музејот.

Оваа презентација влегува во рамките на една поширока кампања за валоризација и промоција на црквата Свети Ѓорѓи во Курбиново и нејзината конзервација, која ја води здружението “Македонида”, во соработка со германски и француски партнери.

Изложбата по скопското претставување ќе патува во Минхен, каде ќе биде претставена  во просториите на престижниот Универзитет Лудвиг Маскимилијан, поточно на Факултетот за византиски и современи грчки студии. Оваа изложба ќе ги отвори свите врати на 7 мај оваа година.