МВР: Граѓаните да се воздржат од каква било употреба на петарди и други пиротехнички средства

Сподели

По повод претстојните новогодишни и божиќни празници, Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да се воздржат од каква било употреба на петарди и други пиротехнички средства, како и огнено оружје при прославувањето на празниците, не само заради предвидените законски санкции, туку и заради опасностите што по безбедноста, здравјето и животот на граѓаните ги носи употребата на овие средства.

МВР ја информира јавноста дека препродавањето и употребата на пиротехничките средства, како и употребата на огненото оружје нема да биде толерирано и најстрого ќе биде казнето.

МВР потсетува, дека во Законот за прекршоци против јавниот ред и мир во член 31 е предвидено дека: “кој неовластено пука од огнено оружје, употребува пиротехнички средства или сличен експлозивен или лесно запалив материјал, или на сличен начин го нарушува мирот и безбедноста на граѓаните ќе му се изрече глоба во износ од 200 до 500 евра во денарска противвредност“.

Во тек се и превентивните и други активности во насока на информирање на граѓаните за последиците што можат да произлезат од таквиот начин на прославување на празниците.