Вести Македонија Ударни вести

МВР со современа форензичка лабораторија есенција на полициско-истражителското дејствување

Сподели:

 

МВР ќе добие целосно нова зграда за потребите на Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења, придобивки ќе има и правосудниот систем бидејќи услугите кои ги нудат форензичките лаборатории се клучни во сите постапки на судовите и обвинителствата, но најголем бенефит ќе имаат граѓаните.

 

 

Новите простории ќе обезбедат доволен простор за складирање, третирање, обработка и архивирање на докази, што ќе овозможи правилно спроведување на оперативните процедури и системите за контрола во согласност со веќе дадените препораки, со што ќе се утврдат основите за акредитација на лабораторијата според стандардите на ЕУ.

Според министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ваквиот концепт на форензичката служба, воедно, ќе овозможи непречено учество во регионални и меѓународни проекти, како и продлабочување на соработката со форензичките служби од регионот и ЕУ.

– Формирањето заеднички регионални форензички тимови, кои ќе работат по усогласени и стандардизирани постапки, ќе резултира во зголемена ефикасност и ефективност во истражувачката и откривачката дејност, изјави за МИА Спасовски.

 

 

Д-р инж. Габриела Коскоска, началник на Оддел за криминалистичко технички испитувања и вештачења, за МИА појаснува дека со новата лабораторија меѓу другото ќе се овозможи спроведување паралелни активности, односно истовремено повеќекратно спроведување исти тип анализи, со што ќе се зголеми ефикасноста односно ќе се намали времето потребно за одговор во однос на одреден тип анализи

Покрај овој проект „Изградба на нова зграда за Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења и нејзина акредитација согласно ISO 17025 стандардот“, во рамки на ИПА/2016 програмата, финансиран од страна на Европската Унија, се најавува и нов проект„Надградба на постоечкиот софтвер за идентификација“.

Прва форензичка лабораторија во регионот со систем за управување МКС EN ISO/IEC 17025:2018

Одделот има воспоставено систем за управување со квалитет согласно барањата на меѓународниот стандард МКС EN ISO/IEC 17025:2018 со што ОКТИВ е прва форензичка лабораторија во нашиот регион која успешно ги имплементираше новите барања од стандардот ИСО 17025. Опсегот на акредитација вклучува методи од неколку лаборатории и тоа: ДНК идентификација на траги, ДНК идентификација на лица, наркотични дроги, спорни документи, огнени оружја и балистика и предизвикување траги од папиларни линии.

Од почетоците на фото лабораторија и лабораторија за дактилографска идентификација, преку формирање лабораторија за откривање фалсификувани потписи, ракописи, печати и идентификација на машини за пишување, Крим-техника сега веќе ќе ги добие и лабораториите, кои ќе бидат опремени со електронска контрола на пристап, специјални огноотпорни врати, аларми и апарати за гаснење пожар, видео надзор, заштитени прозорци, соодветен систем за вентилација, како и соодветни простории за складирање.

Оваа служба денеска функционира во рамки на Бирото за јавна безбедност, а е организирана преку централни лаборатории односно ОКТИВ и подрачни организациски единици на криминалистичка техника при секторите и одделенијата за внатрешни работи.

Според Коскоска, битна придобивка од условите на новиот објект ќе биде и создавањето можност за натамошно унапредување на процесот на акредитација, односно проширување на опсегот на акредитација со вклучување на сите лаборатории и зголемување на бројот на акредитирани методи, што претставува стратешка цел на министерството и државата бидејќи, нагласува, тој процес е од огромно значење за реализација на нашата стратешката насоченост кон европска интеграција.

Тоа воедно ќе значи и исполнување на препораките на најреномираната европска асоцијација во областа на форензиката – ЕНФСИ (European Network of Forensic Science Institutes) во која ОКТИВ е полноправен член, а која во моментов брои вкупно 72 форензички лаборатории од 39 држави.

Со околу три милиони евра за нов објект до Национален центар за форензика

За реализација на овој проект што започна минатата година односно за изградбата на нова зграда за потребите на Крим – техника ќе бидат потрошени околу три милиони евра (3.088.527,77 евра), а се очекува целиот проект да  биде заокружен за 18 месеци.

– Проширувањето и осовременувањето на просторните капацитети, можноста за инсталација на дополнителна инструментална опрема, како и зајакнатите персонални капацитети, се главните предуслови за подобрување на ефикасноста, ефективноста и квалитетот на работа на форензичките лаборатории. Овие услови, првенствено ќе овозможат спроведување паралелни активности, односно истовремено повеќекратно спроведување исти тип анализи, со што ќе се зголеми ефикасноста односно ќе се намали времето потребно за одговор во однос на одреден тип анализи, изјави за МИА д-р инж. Коскоска, началник на Оддел за криминалистичко технички испитувања и вештачења.

Воедно, истакна таа, ќе се создадат предуслови за реализација на стратешката цел на ОКТИВ и Министерството за развој на дополнителни регионални форензички лаборатории и ќе се овозможи дисперзија на анализите и вештачењата.

– Тоа ќе придонесе за растоварување  на централните лаборатории, кои сега ја покриваат целата територија на нашата држава, а ќе се подобри и ефикасноста во работењето имајќи предвид дека дел од анализите ќе може да се работат во тие лаборатории, оцени Коскоска.

Ова ќе овозможи и имплементација на меѓународните стандарди, ќе значи исполнување на целите согласно Стратешкиот план на МВР и Стратегијата за развој на полицијата, а исто така, ќе овозможи и прераснување на одделот во национален центар за форензика, кој ќе се носи рамо до рамо со другите европски центри. Тоа, од друга страна, вели началник на Одделот за криминалистичко технички испитувања и вештачења, ќе овозможи реализација на активностите од Стратегијата за натамошен развој на крим.техника на регионално и локално ниво, односно децентрализација на дел од форензичките анализи и формирање подрачни лаборатории во рамки на секторите за внатрешни работи.

– Гледано во целост, од изградбата на нова зграда за Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења придобивки, ќе има и правосудниот систем во нашата држава, бидејќи услугите кои ги нудат форензичките лаборатории се клучни во сите постапки на судовите и обвинителствата. Бенефит од сето тоа, ќе имаат и граѓаните, како крајни корисници на услугите, бидејќи ефикасноста и ефективноста на судските постапки не може да се замисли без навремено, квалитетно и стручно спроведување на потребните анализи и вештачења, потенцира Коскоска,

Спасовски: Современа форензичка лабораторија есенција на полициско-истражителското дејствување

 

 

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски најавува дека новиот објект за криминалистичко–технички испитувања, со современа форензичка лабораторија на МВР, ќе биде опремен согласно сите најнови европски полициски стандарди во доменот на крим-техниката, односно форензиката и ќе претставува есенција во полициско-истражителското дејствување.

– Затоа со право очекуваме во голема мерка да се подигнат на уште повисоко ниво не само професионалните стандарди, туку и конкретните ефекти на овој дел од оперативното полициско работење. Новиот објект нуди услови за прераснување на ОКТИВ во Национален форензички центар, каде што ќе биде инсталирана современа инструментална опрема и ќе се спроведуваат анализи и вештачења по стандардизирани постапки, хармонизирани со најдобрите ЕУ форензички практики, истакна Спасовски.

Додава дека се планира и зајакнување на персоналните капацитети на ОКТИВ со стручен кадар од областа на природни и технички науки, односно со млади, високообразовани извршители кои ќе имаат можност за професионален и кариерен развој во областа на форензиката, согласно задолжителните барања кои ги наметнува ЕУ во однос на стандардите за работа и меѓународната размена на податоци.

Според Спасовски, зајакнувањето на просторните, материјално-техничките и персоналните капацитети од областа на криминалистичка техника, ќе овозможи професионална и ефикасна државна форензичка служба која може да одговори на потребите на граѓаните, судството, обвинителството и другите корисници на овој тип услуги, како и на меѓународните барања и стандарди.

Нов проект „Надградба на постоечкиот софтвер за идентификација“

Во оваа насока е уште еден проектот на Министерството за внатрешни работи, тесно поврзан со овој кој веќе се реализира, а тоа е „Надградба на постоечкиот софтвер за идентификација“, за кој се превидени средства во Предлог буџетот на МВР за 2021 година, а со кој ќе се овозможи откривање траги од папиларни линии од прсти и дланки, како и овозможување на идентификација на ликови од фотографии.

Со овој проект се зголемува откривачката функција на полициските служби, а придобивките ќе ги почуствуваат сите граѓани погодени од криминални дејствија од различен тип. Со постоење на ваков систем сериозно ќе се зајакнат позициите на нашата држава пред меѓународните фактори, вклучително и во процесот на преговори со Европската Унија.

Дејност и области на работа на ОКТИВ

Основната дејност на Одделот за криминалистичко технички испитувања и вештачења (ОКТИВ), е спроведување вештачења и анализи на предмети и траги обезбедени при вршење истражни дејствија, согласно важечката законска регулатива и меѓународни стандарди и упатства.  По потреба, работниците од ОКТИВ учествуваат и во увиди на место на настан, како поддршка на подрачните организациски единици на криминалистичка техника, а исто така, може да учествуваат и во други дејствија како што се: документирање на настани, судски расправи, реконструкции и слично.

Областите на работа, кои во моментов ги покрива ОКТИВ, вклучуваат: биолошки испитувања и ДНК идентификација на траги и лица, предизвикување траги од папиларни линии и дактилоскопија, криминалистичка регистрација и идентификација на лица по отпечатоци од прсти и дланки, токсикологија и дроги, спорни документи, огнени оружја и балистика, микро траги, пожари, експлозии и експлозивни направи, механички траги и моторни возила, полиграфски испитувања, фото-робот, фото и видео техника.

Како почна и се развива ОКТИВ

Почетоците на криминалистичката техника во нашата држава се поврзуваат со една импровизирана просторија, која потоа се проширува на неколку простории, еден кат, повеќе ката. Во моментов, ОКТИВ е лоциран во објект првенствено наменет за административна работа. Истиот е неколку пати реконструиран со цел да се задоволат основните лабораториски потреби при што се преземани градежни активности за преадаптација на канцелариите во лаборатории, инсталација на системи за вентилација, замена на стандардните подни површини со подови наменети за лабораториски активности.

Да се навратиме на почетоците во шеесеттите години

Службата за криминалистичка техника, како дел од полицијата е формирана со цел вршење истрага на место на настан, обезбедување и подигање материјални траги, нивна анализа и вештачење, како и преземање други криминалистичко-технички дејствија. Во првиот период од формирањето, постоеле само фото лабораторија и лабораторија за дактилоскопска идентификација чија надлежност, главно, била фотографирање на местото на настан, на сторители и осомничени лица, како и земање отпечатоци од прсти (дактилоскопски материјал).

Во шеесеттите години се формира лабораторија која врши откривање на фалсификувани потписи, ракописи, печати, како и идентификација на машини за пишување. Потоа почнуваат да се развиваат нови лаборатории – хемиска, физичка и биолошка, во кои, на почетокот, се изведувале само едноставни анализи од соодветната област. Со зголемување на обемот на работа, постоечките лаборатории се модернизираат и опремуваат со современа инструментална техника, а воедно се формираат и други нови лаборатории.

denesmagazin.mk

Сподели: