Вести Македонија Ударни вести

МЗ: Концептот на јавно приватно партнерство, сѐ уште е во фаза на разгледување

Сподели:

Министерството за здравство соопшти дека во континуитет работи за унапредување на условите за третман и лекување на пациентите во јавното здравство и паралелно за унапредување на условите за работа и статусот на сите здравствени работници.

Повикувајќи се на денешното соопштение од Синдикатот на Клинички центар, од Министерството потенцираат дека сите чекори за подобрување на здравствениот систем се преземаат со однапред планирани проценки.

– Синдикатот како и досега, останува наш партнер кој и понатаму ќе биде вклучен во сите процеси за новините во овој систем. Воедно, за секоја етапа од процесот, се информираат и консултираат здравствените работници и со нив се договара модалитетот на промените. Воопшто, не станува збор за затворање на универзитетските клиники, туку за унапредување на условите за работа, што е во интерес и за лекарскиот кадар и за пациентите. Сѐ што прави Министерството за здравство е во насока на зајакнување на јавното здравство и негово издигнување на повисок степен, посочуваат од Министерството.

Концептот на јавно приватно партнерство, наведуваат од министерството, сѐ уште е во фаза на разгледување, по што ќе следи изработка на физибилити студија за целиот проект, што или ќе ја оправда или нема да утврди потреба од вакво партнерство.

– Физибилити студијата ќе биде изработена веднаш по завршување на изборниот процес, согласно законските процедури. Пациентот треба да има избор каде ќе се лекува и според неговите потреби ќе има можност да избере што е најдобро за него. Нема да правиме отстапки на нашиот пат за да го овозможиме најдоброто за здравствените осигуреници, стои во соопштението од Министерството.

Оттаму потсетуваат дека платите на здравствените работници во континуитет се зголемуваат, почнувајќи од септември, минатата година, за пет проценти им се зголеми основната плата на 19.123 вработени во ЈЗУ. Исто така во јануари годинава, посочуваат, имаше дополнително зголемување на платите за лекарите специјалисти и медицинските сестри, а наша заложба е платите на лекарите-специјалисти да изнесуваат 100 илјади денари до следната година, како што беше најавено.

– Во однос на барањата за паркинг просторот, во моментов сме во завршна фаза со град Скопје за целосно разрешување на ова прашање. Министерството за здравство изготви анализа, која покажа дека е неопходна изградба на минимум три катни гаражи за што се утврдени предлог-местоположбите, како и финансиски конструкции за изградба. Еден од можните модели за финансирање на изградбата и одржување на паркиралиштата е моделот на јавно приватно партнерство со што би се барал можен инвеститор од приватниот сектор. Студијата е презентирана пред Владата, меѓутоа поради изборниот процес, донесувањето одлука за прифаќање на физибилити студијата е одложено од административни причини, се до завршувањето на изборниот процес, по кој постапката ќе продолжи. Министерството за здравство вложува максимални напори за надминување на сообраќајниот метеж во кругот на Клинички центар, додаваат од Министерството за здравство.

Сподели: