“8 Септември – Денот на независноста е еден од најзначајните датуми во историјата на нашата земја. 35 години живот на една држава не се многу, но се доволни за да разбереме дека државноста не се постигнува само со еден политички акт, со референдум или само со прогласувањето на независноста. Државата е нешто што се гради секој ден – со функционални институции, со еднакво право за сите, со одговорност, со работа, со образование, со економски развој и, пред сè, со луѓе кои веруваат дека нивната лична иднина е поврзана со заедничката иднина на државата”, изјави претседателот на Собранието Африм Гаши.
“Оваа годишнина треба да ја гледаме со верба и оптимизам, преку она што сме го изградиле, но и преку она што останува да го направиме.
Нашата Република е дом на граѓани со различна етничка, јазична, верска и културна припадност. Оваа разновидност не треба да биде извор на поделби, туку наша заедничка сила. Во темелите на нашата држава секогаш треба да стојат еднаквоста и чувството дека секој граѓанин има свое рамноправно место во државата.
Наша заедничка должност е да градиме држава во која институциите им служат на граѓаните, во која законите се применуваат еднакво за сите, во која корупцијата не се толерира и во која европската перспектива е заедничка цел.
На овој посебен ден, посакувам нашата држава да биде место во кое никој нема да се чувствува како странец, во кое разликите се можност за успех, во кое институциите се посилни од тесните интереси и во кое секој млад човек може со убедување да каже: „Тука е моето место и тука ја гледам мојата иднина.“
Со верба во граѓаните, со одговорност кон државата и со заедничка работа, да ја градиме државата што сакаме да им ја оставиме на идните генерации.
Честит 8 Септември – 35-годишнината од независноста на Република Северна Македонија!” – Африм Гаши.


