На инфективна клиника и физикална терапија кај пациентите со ковид-19

Сподели

 

 

Третманот на пациенти болни од ковид-19 бара мултидисциплинарен и сеопфатен пристап од првата средба со здравствениот работник, па се до неговото заминување. Секој пациент добива третман соодветен на неговата здравствена состојба. Кај пациентите кои се хоспитализирани на Инфективната клиника освен терапиите против ковид-19, неизоставен дел од лекувањето е и физикалната терапија која придонесува за подобрување на психофизичкото здравје и подобрување на функцијата на респираторниот систем, – информираат од Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби.

Физикалната терапија на пациентите кои се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести поради КОВИД- 19 вообичаено се состои од два сегмента: физикална терапија за локомоторниот апарат и физикална терапија за респираторен систем или таканаречена респираторна гимнастика.

За да се постигне максимален ефект и да се оспособи пациентот за релативно нормално функционирање во домашни услови, интензитетот на вежбите за локомоторниот апарат последните денови од престојот на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, може да се зголеми по консултација со лекар.

Респираторната гимнастика (вежбите за дишење) се изведуваат за превентивни и тераписки цели. Кај пациентите со лесна клиничка слика се препорачува пациентите сами да ги изведуваат вежбите неколку пати во текот на денот со цел да се зајакне мускулатурата вклучена во процесот на дишење. Кај средно-тешките болни, респираторната гимнастика се изведува исклучиво под надзор на физиотерапевт за да се следи моменталната состојба на организмот (сатурација, пулс, притисок, број на респирации). Кај тешко болните пациенти коишто дишат со помош на маска за висока концентрација на кислород се советува длабоко и споро дишење, а кај пациентите кои се поставени на механичка вентилација вежбите за дишење не се изведуваат.