НИКОЈ НЕ ПОСАКУВА ВАКВА КАТАСТРОФА – Драгана ЧЕРНИХ

Сподели

          Драгана Черних

Природата често е непредвидлива и може да предизвика катастрофи од големи размери. Земјотресот е природна појава која не може да се предвиди, ниту времето ниту локацијата, ниту неговата јачина и интензитет, што создава одредена доза на страв кај населението, а е предизвик и искушение кај  сеизмолозите. Земјотресот во Скопје е еден од тие природни катастрофи, кој се случи на денешен ден во 1963 година, во 5 часот и 17 минути, со Рихтерова магнитуда 6.1 и интензитет од IX степени според Европската макросеизмичка скала, кога загинаа 1070, а беа тешко повредени над 3.300 лица и беше почувствуван на целиот Балкански Полуостров.

 

 

Територијата на нашата држава се наоѓа во сеизмички активно, односно трусно подрачје, каде што во последното столетие веќе се случиле неколку катастрофални земјотреси, како што беа и земјотресите и во Пехчево 1904 г. и во Валандово 1931 г.

„Според податоците и истражувањата на нашата Сеизмолошка опсерваторија при Природно-математичкиот факултет на УКИМ во Скопје, периодот на повторување на силен земјотрес во скопското епицентрално подрачје, е 500 години, што укажува дека при градењето во овој град треба да се имаат предвид техничките карактеристики на тлото, како и неопходноста од проекти со асеизмички дизајн за интензитет од IX степени според Европската макросеизмичка скала ЕМС-1998“ – изјавува раководителката на оваа Опсерваторија, д-р Драгана Черних.

Со помошта која ја доби Скопје од 78 земји стана град на солидарноста и во наредниот период се изгради и израсна во модерен европски град.

Сеизмолошката опсерваторија во Скопје е и првата сеизмолошка институција во земјава, која е основана од Владата во 1957 г.одина, како Сеизмолошка станица на Универзитетот во Скопје, која е единствената сеизмолошка станица што работела во времето на скопскиот катастрофален земјотрес.

Денес, Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет  во Скопје, е единствена институција во Република Македонија која е задолжена да ја одржува сеизмолошката мрежа на Републиката, да врши постојано набљудување и научна анализа на целокупната сеизмичка активност на територијата на Републиката и пограничните подрачја.

Таа одржува мрежа на постојани сеизмолошки станици телеметриски поврзани (во Скопје, Валандово, Охрид, Штип и Пехчево), современо опремени чии податоци пристигнуваат во Опсерваторијата во Скопје во реално време, овозможувајќи брзо одредување на параметрите на земјотресот што е многу важно во случај на почувствуван земјотрес на територијата на Република Северна Македонија и пограничните региони –додава раководителката д-р Драгана Черних.