Со литературна вечер, креативно-едукативни работилници, средби со издавачи и потпишување меморандуми за соработка, од 12 до 14 ноември во Тирана се одржа манифестацијата „Денови на македонската литература за деца 2026“.

Манифестацијата ја организираше „Едука Мак“ од Скопје во соработка со Македонскиот културно информативен центар во Тирана, со поддршка на Министерството за култура и туризам. Програмата беше посветена на афирмацијата на македонската литература за деца, поттикнувањето на читањето кај најмладите и унапредувањето на културната соработка меѓу Македонија и Албанија.
Литературната вечер во КИЦ-Тирана ја отвори директорката, проф. д-р Ема Попивода, а програмата и целите на проектот ги претстави програмската уредничка, м-р Ели Маказлиева. Модераторка на настанот беше Верица Мукоска, лекторка по македонски јазик на Универзитетот за странски јазици во Тирана. За значењето и предизвиците на литературата за деца говореше проф. д-р Елизабета Бандиловска.
Пред публиката беа претставени десет авторки и нивните најнови изданија за деца. На авторката Весна Тодоровска ѝ беше врачена наградата „Литературни пишувалки – патувалки“ за сликовницата „Грмотевицата што сакаше да стане виножито“, избрана на конкурсот на „Едука Мак“ за необјавени сликовници. Беа доделени и признанија и благодарници за соработниците и учесниците, а на КИЦ-Тирана му беа донирани повеќе од 100 книги.
Во рамките на програмата, во градинката при Albanian College Tirana II се одржа креативно-едукативна работилница на англиски јазик. На најмладите учесници им беа подарени сликовници преведени од македонски на албански јазик, со што македонските автори и нивните приказни беа доближени до нова читателска публика.

Беа остварени и работни средби со албанските издавачки куќи „Botime Dudaj“ и „Dritëro Agolli“, со кои беа потпишани меморандуми за соработка за идни преводи, издавање и промоција на книги на македонски и на албански јазик.
Програмата опфати и средба со Друштвото на Македонците во Тирана. Покрај потпишувањето меморандум за соработка, беа донирани книги наменети за најмладите припадници на македонската заедница во Албанија, како поддршка за негувањето на мајчиниот јазик и културниот идентитет.
Манифестацијата создаде нови можности за соработка меѓу авторите, издавачите и културните институции од двете земји, потврдувајќи ја улогата на детската книга како мост меѓу јазиците, културите и идните генерации читатели.


