Наградата „Роман на годината“ ја доби Фросина Пармаковска за романот “Одбројување”

Сподели

Фросина Пармаковска за романот „Одбројување“ вечерва во Даут-пашин амам ја прими наградата „Роман на годината“ за 2017, која ја доделува Фондацијата за промоција и унапредување на културните вредности „Славко Јаневски“.

Романот е објавен од издавачката куќа „Или-Или“ и беше избран со мнозинство гласови на петчленото жири меѓу 27 романи кои беа во конкуренција за наградата. Таа се состои од статуетка, плакета и паричен износ од 150.000 денари. Покровител е Комерцијална банка а.д.

Според жирито, кое одлуката ја соопшти на 15 март, „Одбројување“ е ненаметливо раскажана потресна семејна драма од современото скопско секојдневие, приказна структурирана во три дела, каде неименуваната нараторка низ постојани флешбекови на внатрешен монолог ја открива својата незавидна положба – заглавена со својот бесправедно љубоморен, параноичен маж со очигледно душевно нарушување.

 

На прогласувањето минатиот месец Пармаковска ѝ се заблагодари на фондацијата „Славко Јаневски“ што, како што рече, ја спасила оваа награда и ја продолжила 19-годишната традиција на нејзиното организирање и доделување. Од 1999 до лани со непрекинат континуитет неа ја доделуваше згаснатиот „Утрински весник“.

– Дополнителна радост за мене е што е именувана по Славко Јаневски, едно од најголемите имиња на нашата литература, што е и дополнителна одговорност кон секој напишан збор, секоја напишана книга, кон секој читател и кон споменот на Славко Јаневски. Му се заблагодарувам и на жирито кое му ја даде довербата на „Одбројување“ да ја носи оваа награда и се надевам дека и читателите во романот ќе го најдат она што го нашло жирито – рече Пармаковска.

„Одбројување“ е трет роман на младата писателка (Скопје, 1985) која дипломирала на Катедрата за Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет и магистрирала на Културолошките студии на Институтот за македонска литература. По неколку објавени раскази, во 2013 се појави нејзиниот прв роман „Пишувајќи ги изгубените топки“. Наредната, 2014 го објави „Вишнова хроника“ кој влезе во финале за „Роман на годината“ и веќе е преведен на бугарски и на украински јазик.

Пармаковска е претставничка на новиот бран помлади македонски писатели и во февруари годинава стана член на Друштвото на писателите на Македонија.

Финалисти на наградата „Роман на годината 2017“ беа и романите „Апокалипса.мк“ на Бранко Прља, издание на „Готен“, и „Диссомнии“ на Игор Станојоски, издание на „Антолог“.

МИА