Вести Свет Ударни вести

Најкрвавиот терористички напад во историјата на Сомалија: 276 загинати, над 300 повредени

Бројот на смртно настраданите во саботниот терористички напад во главниот град на Сомалија, Могадишу, се зголеми на 276 лица, додека над 300 лица се повредени, соопшти министерот за комуникации на таа земја, Абдирахман Омар Осман, јавува Anadolu Agency (AA).

Тој, нападот на терористичката организација Ал Шабаб го нарече варварски чин. Оваа организација и претходно извршуваше слични напади во земјата на Рогот на Африка.

Пратеникот во парламентот на Сомалија, Махад Салад, по посетата на болниците изјави дека повеќе од 130 загинати се непрепознатливи.

„Ова е национална катастрофа“, изјави Салад.

Експлозијата во населбата Ходан се случи во саботата, два дена откако шефот на американската команда во Африка престојуваше во Могадишу за да се состане со претседателот на Сомалија.

Претседателот Мухамед Абдулахи Мухамед Фармаџо во саботата прогласи тридневна жалост во земјата.

Турција најостро го осуди нападот во Сомалија, а портпаролот на кабинетот на турскиот претседател, Ибрахим Калин, соопшти дека ранетите од Могадишу ќе бидат префрлени на лекување во Турција.

Експлозијата на камионот полн со експлозив во центарот на Могадишу се смета за најкрвав терористички напад во историјата на Сомалија.

Сподели: