Димитров од европратениците побара ветер во грб за Македонија

Сподели

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, попладнево во Европскиот парламент имаше обраќање и сесија за прашања и одговори со европратениците во рамки на Комитетот за надворешни работи на ЕП (АФЕТ-група), јави дописникот на МИА од Брисел.

Притоа, во долгата дискусија со европратениците, Димитров од нив и од Европската унија побара поддршка и поттик за Македонија да има позитивна и оптимистичка 2018 година, кога се очекува Европската комисија да даде јасна и чиста препорака за отворање на пристапните преговори за членство.

Настапот на шефот на македонската дипломатија пред првите луѓе за надворешни работи на Европарламентот доцнеше еден час, поради тоа што, како што образложи претседателот на АФЕТ-групата, Дејвид Мекалистер, авионот со министерот од Македонија доцна слетал на аеродромот „Завентем“ во Брисел.
– Пристигнав во Брисел од Скопје со потешкотии, што не е различно од патувањето на Република Македонија во Европската унија. Регионалниот лет не можеше да се оствари, па возев до Бугарија и преку Виена пристигнав тука во храмот на европската демократија. Тука сум да ви раскажам една добра приказна.

Приказна за издржливоста на полето на демократијата. Предолго време искусуваме ветер во лице, дадете ни ветер во грб, а ние ќе возвратиме со мирни води и плодна жетва“. Вратеното внимание на нашиот регион во “храмот” на европската демократија – Европскиот Парламент, МНР Димитров го поздрави како охрабрувачки сигнал. Додаде дека сега е вистинското време да се препознае моментумот и ургентноста за енергичен и позитивен ангажман кон повеќе, а не помалку ЕУ интеграција со цел да ни случат добри работи, нам, на нашиот регион и на нашата Европа – им порача шефот на македонската дипломатија на европарламентарците.

Според македонскиот министер, пратениците во ЕП слушнале за Македонија како за земја во криза, на назадување, злоупотребување на државните канцеларии и малверзации прикажани во последните години преку скандалот со прислушувањето.

Сепак, според него, општеството докажало дека е поотпорно отколку институциите. Димитров истакна дека општеството се мобилизира преку етничките линии и преку политичките линии, се креираа промени со изборите и тоа само со пенкало.

– Имавме избори во декември минатата година и најголема точка на пресврт беше вечерта на 27. април, кога имавме упад на разулавена маса и крвави лица на некои од нашите политичари, вклучително и на сегашниот премиер и на министерката за одбрана во Собранието. Сега сме позрели, кризата резултираше со оригинална европска демократија во земјата и ова е ветување на оваа Влада, дека ние сакаме слободни медиуми, бидејќи ни требаат информирани граѓани како ’рбет на демократијата. Ни требаат независни судови и судии кои своите задачи ги извршуваат слободно, сакаме функционален парламент и проверки на власта и практиките на извршната власт – додаде Димитров.
Во однос на надворешната политика, шефот на македонската дипломатија рече дека постои домашна реформска агенда, координирана со Европската комисија за планот за реформи „3-6-9“.

Тој рече дека Владата го инволвирала невладиниот сектор во развојот на планот и мониторинг на имплементацијата на истиот и веќе поминале три месеци, па сега следат шест и девет, односно дека четири петини од чекорите се финализирани, а една петина е во процес на финализација.
Тој истакна дека клучна порака е дека досега Македонија имала ветер во чело, а дека сега и треба ветер во грб.
Никола Димитров посочи и дека миграциската криза илустрирала дека регионот на Балканот е интегрален дел на европската безбедност и дека вреди да се инвестира во регионот, што е добро за Западниот Балкан и за Европа.

– Главни цели ни се да се приклучиме на ЕУ, што е за доброто на Македонија да биде европска демократија, да се донесе Европа во земјата. Исто така, сакаме и во НАТО, да имаме добри односи со соседите и веруваме дека главна цел на надворешната политика е решавање на проблемите, отворени врати, градење на мостови и инвестирање во пријателство. Ние не можеме сами ако немаме успешен регион и сакаме успешни соседи и веруваме дека сите наши соседи имаат важна улога во нашиот успех. Така пристапуваме на регионалните прашања – истакна македонскиот министер за надворешни работи.
По првата посета на Брисел на 12 јуни Димитров рече дека два дена потоа бил во Атина, бидејќи има според него големо нерешено прашање со „нашите грчки пријатели“.

Оттогаш, според него, се работи на градење мерки за доверба, тој има добри односи со министерот Никос Коѕијас, кој во август беше во Скопје, а минатата недела се сретнале и во Солун за регионален состанок на кој беа претставени и Бугарија и Албанија.
Минатата недела во Солун, тие според него, дискутирале да се обидат да инвестираат во позитивна визија за регионот, да се најдат прашања што ќе не поврзат, за потоа да се допрат прашањата што земјите ги раздвојуваат и да најдат начин како да станат идни европски сојузници, бидејќи нема друга стратешка алтернатива за регионот од Европа.

– Ние постигнавме и договор со Бугарија, земја која е добар сосед и која ќе го има следното претседателство со ЕУ од 1 јануари 2018 година. Благодарение на добрата политичка волја на премиерите Заев и Борисов, за два месеца постигнавме договор без трети страни да се инволвираат, без надворешни притисоци, без посредници и среќни сме дека овој договор за пријателство и добрососедство е пофален и од нашите стратешки партнери, а некои рекоа дека е тоа инспирација за целиот регион. Ние исто бевме во Тирана и ќе имаме заедничка сесија на двете влади следните месеци, што ќе биде првпат по остварувањето на независноста на двете земји. Јас го поканив мојот колега од Косово да не посети, оти им требаше време таму за да состават Влада, па сега се движат кон позитивна насока. Ние имаме чувство за итност, признаваме дека Европа е зафатена и дека се соочува со кризи, но можеби регионот има лекција за Европа и за меѓународната заедница оти мојата земја е заклучена во собата за чекање со години и тоа не е одржлива позитивна стратегија. За регионот на Западниот Балкан да функционира, ни треба реалистична перспектива во Европа и сериозни допирливи видливи реформи – образложи Димитров.

Македонскиот министер за надворешни работи рече и дека на земјата и треба да види перспектива и меѓу сето ова, дека и треба повеќе искреност, притоа поздравувајќи ги неодамна обновената посветеност кон регионот, како од посетата на високата претставничка Федерика Могерини, така и од неодамнешната изјава за состојбата во ЕУ на претседателот на ЕК, Жан-Клод Јункер.
Димитров рече дека е познато дека некои земји-членки на ЕУ се уште се скептични, но дека се даваат причини тие да бидат убедени дека е вистинска и паметна работа ако Македонија е во Унијата.
Посочи и дека Владата е фокусирана на реформската агенда, посебно на судските реформи. Во однос на слободата на медиумите, според Димитров, видлив прогрес. Тој потврди дека Владата подготвува нов закон на ова поле со блиска и транспарентна консултација со медиумите и новинарите. Во тој поглед истакна дека е сигурен дека сите важни тела што мониторираат и мерат слобода на медиуми, како што се „Фридом Хаус“ и „Репортери без граници“, како и Еврокомисијата, дека ќе видат видлив прогрес на Македонија на ова поле.
Тој ја посочи важноста на локалните избори в недела и како што рече „клучно да се однесуваме добро, да имаме силна Државна изборна комисија“.

– Ве молам мислете на мојата земја како на земја на можности, не на земја на кризи и ова ќе биде шанса за Европа да покаже дека може да помогне за негативната динамика да запре и да креира позитивен резултат. Западниот Балкан е регион каде Европа може да направи разлика. Иднината ни е со вас, треба да исчекориме, а вие да сте посветени на нас – заврши Димитров.
Во однос на настапот на македонскиот шеф на дипломатијата, за прашање, став и настап се јавија 13 европратеници, при што најпрво Иво Вајгл, известувач во ЕП за Макеоднија, порача дека Димитров во Европарламентот донел добри вести од Македонија.

– Сега е важно помирувањето за Македонија. Главен исчекор е направен со новата Влада и инклузивност на партиите на македонските Албанци во Владата и тоа е важно за земјата. Ве поздравувам за првите чекори што ги направивте како министер, со приоритетот што им го давате на соседите и ќе имате поддршка од ЕП кога говориме за важни работи, како што е прашањето кога земјата може да почне преговори за членство во ЕУ, за што ќе ве поддржиме, порача Вајгл.
Ко-претседавачот со Мешовитиот комитет на ЕП со македонското Собрание, европратеникот Алојз Петерле го поддржа Димитров дека Македонија треба „да ја напушти собата на чекање во ЕУ“, додека грчката европратеничка Софија Сакорафа рече дека Грците ќе ја поддржат Македонија на патот кон ЕУ, ако земјата ги исполни сите преудслови, а главно во однос на тоа е прашањето за името.

Словачкиот европратеник Едвард Кукан, му посочи на македонски министер дека тој знае дека Димитров е „високо ценет во земјата, вклучително и од опозицијата“, што според Кукан е „комплимент за него и одговорност која ја дели“ и дека затоа многу се очекува од него.

– Досега видовме дека Владата прави добри работи и ве охрабрувам да продолжите така. Ги споменавте сите важни прашања, но сакам да истакнам од моја страна дека одржлив и конструктивен политички дијалог на партиите од власта и од опозицијата е важен предуслов за земјата да оди напред и за одржлив иден развој на настаните. Но, моето прашање е околу членството во НАТО и што ќе сторите со тоа? – запраша Кукан.
Неколку други европратеници ја посочија бесмисленоста на спорот што Грција го има со Македонија околу името, но беа децидни дека тоа мора да се реши за земјата да напредува во ЕУ и НАТО, додека грчкиот европратеник од фашистичката Златна Зора Јоргос Епитидејос го запраша шеф на дипломатијата: „Дали ќе дозволевте влез на вашата земја во ЕУ и НАТО ако вие бевте грчки министер?“.
Одговарајќи на прашањата во однос на приклучувањето на Македонија кон НАТО, министерот за надворешни работи на Македонија потсети дека пред две недели во седиштето на Алијансата е финализиран 17-тиот циклус на Акцискиот план за членство (МАП), потсетувајќи дека неговата дипломатска кариера е испреплетена со македонската интеграција во НАТО.
Следната година, според Димитров, ќе се случи 18-тиот циклус на МАП и дека тогаш Македонија „ќе добие возачка дозвола и ќе вози кон целта“.
Во врска со можноста за одржување референдум за промена на името македонскиот министер за надворешни работи потсети дека Европејците имаат искуство со референдуми, од кои некои покажале не многу среќен исход.
Според него, прашањето за името е „уникатно прашање кое оди во душата на нацијата“, па додаде дека мејнстрим-партиите во Македонија сакаат да има решение, што според него води до национално единство и помирувачка дебата.
– Ние ќе се обидуваме, но не сме уплашени да преговараме и да дознаеме што е главната загриженост во Атина, зошто тие толку за ова се грижат и да објасниме зошто ние сме загрижени од наша страна и што е најважен сегмент на ова прашање – истакна министерот Димитров.