Вести Македонија Топ теми Ударни вести

Насер Зибери: Не е правично да се наплати камата која е поголема од главниот долг

Сподели:

 

 
Народниот правобранител г.Насер Зибери на прес-конференција ја информираше јавноста за констатираните состојби со човековите слободи и права во 2021 година, сублимирани/содржани во Годишниот извештај за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и зашита на човековите слободи и права за изминатата 2021 година, кој е доставен до Собранитео на Република Северна Македонија и воедно е достапен и на нашата веб – страница.
 
 
 
 
„Во извештајната година до Народниот правобранител беа примени/заведени 2.686 претставки, а 389 предмети беа пренесени од претходната година или вкупниот број на предмети/претставки по кои постапувавме, ги разгледувавме е 3.075. Најголемиот број на примените/заведените претставки се однесуваа за заштита на правата од областа на правосудството – 436 што претставува 16,23% од претставките, потоа следат претставките од областа на детските права 254 или 9,46%, на трето место се претставките за заштита на потрошувачките права 228 или 8,49%. Во областа работни односи беа поднесени 218 претставки или 8,12%, во социјалната заштита 183, односно 6,81%, за казнено-поправните и воспитно-поправните установи 162 или 6,03%; за имотно-правната област 150 или 5,58%, за урбанизмот и градбата 136 или 5,06%, како и претставки од други области.
 
Од вкупно 3.075 предмети, примени/заведени во 2021 година, Народниот правобранител покрена постапка по 2.085 или 67,80% од претставките, од нив, во 755 или 35,82% констатираше повреда на човековите слободи и права, и интервенираше со цел отстранување на повредите, односно остварување на правата на граѓаните-подносители. Од вкупно 755 предмети во кои Народниот правобранител утврди повреди и ги презеде сите законски дејствија, во 500 или 66,23% случаи органите на државната управа, другите органи и организации со јавни овластувања ги прифатија интервенциите на Народниот правобранител. Во 232 или 30,43% случаи, по констатираната повреда Народниот правобранител достави укажување за начинот на отстранување на констатираната повреда до надлежниот орган која не беше прифатена, по што согласно законските надлежности презеде други дејствија, односно достави информации, посебни извештаи до повисокиот орган, по што ги исцрпи сите законски можности, а во 23 или 3,05% случаи по констатирана повреда и доставена препорака сѐ уште се чека одговор од надлежниот орган“
 
Ова, меѓу другото го истакна народниот правобранител, г.Зибери. Тој потенцираше дека и изминатата година најголемиот број од претставките се однесуваа на работата на извршителите, иако Народниот правобранител констатирал помал број на сторени повреди во постапката на извршување.
 
„Ја користам оваа прилика да истакнам дека се неопходни системски измени во делот на пресметувањето на каматата, во насока дека не може, не е правично да се наплати камата која би била поголема од главниот долг, односно сметам дека кога каматата ќе го достигне главниот долг, истата да престане да тече. Имено, сегашните законски одредби доведуваат до апсурдни ситуации во кои каматата која ја плаќа должникот понекогаш е речиси тројно поголема од главниот долг, па има граѓани кои со години не можат да си го отплатат долгот. Оттука, не ја исклучувам можноста Институцијата да иницира законски измени во овој правец. Голем број од поднесените претставки се однесуваа за заштита на права на потрошувачите, особено во делот на испораката на електрична енергија. Регулативата која се однесува на оваа сфера, посебно во делот на обврската за отчитувањето на броилата треба да претрпи измени. Согласно сегашните прописи броилата се отчитуваат еднаш годишно, поради што според Народниот правобранител ги се создаваат најголемите проблеми за кои се обраќаат граѓаните – нереално високите фактури. Имено, чести се случаите граѓаните еден месец да платат високи сметки, кои следниот месец им се намалуваат, но овој принцип создава ситуација кога тие на некој начин авансно си ја плаќаат потрошената електрична енергија“, истакна г.Зибери, кој рече дека очекува дека годинава пратениците невреме ќе ги утврдат мерките за спроведување на општите препораки, дека Владата ќе ги почитува законските одредби и два пати годишно ќе информира за нивното имплементирање, затоа што на тој начин институцијата ќе ја добие сликата за тоа кои промени се направени, каде е подобрена состојбата, а каде треба уште да се работи, изјави народниот правобранител Насер Зибери.
Сподели: