Вести Македонија Ударни вести

Наставнички пленум: Враќање на надлежностите кои ги има локалната самоуправа кај МОН

Сподели:

Наставничкиот пленум преку соопштение извести дека едно од клучните нивни барања е враќање на надлежностите од локалната самоуправа кај МОН, бидејќи децентрализацијата довела до низа негативности во основното образование.

„Од наши колеги дознаваме дека деновиве регионалните претставници на СОНК, па и самиот Неделков, интензивно држат состаноци со членството на коишто како што дознавме се обидуваат да го оцрнат Наставнички Пленум, а заслугите за придобивките од идните реформи за основно и средно образование да си ги препишат себеси.

Најпрвин да им се извиниме на сите засегнати од спомнатите закони за тоа што предлозите за измена на новите закони не можеме да им ги соопштиме. Тоа е од едноставна причина што не сме стручни да ги евалуираме правните аспекти на предложените измени, па за да не создаваме непотребни шпекулации околу евентуални правно неиздржани прелози, решивме да почекаме предлог реформите да ги објави МОН. Тогаш целата јавност ќе може да ги види, а потоа да дебатира за тоа што може уште повеќе да се подобри.

СОНК постои долго време и со премолчување одобри многу закони и измени донесени без учество на наставници практичари, многу од нив на штета на наставничката фела и квалитетот во образованието. Такви се: екстерното тестирање, заменските наставници, како и патните трошоци како дел од бруто платата, што финансиски значително им штети на наставниците претежно во руралните општини. Лоши реформи против кои Пленумот се бори две и пол години.

Во борбата за поквалитетно образование на Пленумот, СОНК не се вклучи, туку застана во одбрана на лошите реформи во образованието и пленумците ги нарекуваше со секакви погрдни имиња. Заслужуваа ли членовите на СОНК кои беа и сè уште се членови на СОНК и Пленумот такви понижувања од синдикатот што долго време го финансира.

МОН прифати учество на наставници практичари во изготвувањето на реформите за подобар квалитет на образованието по барање на Наставнички Пленум. Групите што работат на идните реформи, односно законите, наставните планови и програми и олеснувањата на административната работа се хетерогени во секој поглед, полова структура, етничка застапеност, припадност на организации итн. Во работните групи има и претставници на синдикатите за образование СОНК и МЕСО, но најбројни се членовите на Наставнички Пленум. Дел од пленумците сè уште се членови на СОНК, а останатите се поранешни членови кои во Јануари 2015 го напуштија синдикатот поради прекинот на штрајкот без консултација со членството.
Една од клучните измени предложени од наставниците практичари и пленумците се барањата за враќање на надлежностите кои ги има локалната самоуправа кај МОН.

Веруваме дека децентрализацијата којашто доби амин од СОНК донесе низа негативности во основното образование како на пример ненавремената набавка на огрев во повеќе општини, создаде сложен механизам што резултира со ненавремено исплаќање на платите и го зголеми на бројот на образовен кадар со ССС кои снижуваат квалитетот на наставата, а добиваат иста плата како кадарот со високо образование благодарение на Неделков“ се вели во соопштението на Наставничкиот пленум.

Сподели: