Вести Свет Ударни вести

НАТO истражува хакирани воени податоци што се продаваат на интернет

Сподели:

 

НАТО покрена истрага за кражба на податоци од доверливи воени документи кои хакерска група ги понудила на продажба на интернет. Податоците вклучуваат нацрти за оружје што го користеа сојузниците на НАТО во конфликтот во Украина, а хакерите ги понудиле на продажба преку интернет откако украле податоци од големиот европски производител на оружје, „МБДА Мајкл системс“, јави Би-би-си.

Мултинационалната компанија, чие седиште е во Франција, соопшти дека нејзините информации биле хакирани од надворешен хард-диск и дека соработува со властите во Италија, каде што се случило пробивањето на податоците, но дека ниту една од доверливите датотеки не припаѓа на компанијата.

Во соопштението портпаролот на НАТО рече дека алијансата ги проценува тврдењата поврзани со доверливите податоци, наводно украдени од МБДА, a беше наведено и дека нема индикации дека која било мрежа на НАТО е загрозена.

Сајбер-криминалците, кои работат на руски и англиски форуми, пишува Би-би-си, продаваат 80 гигабајти украдени податоци за 15 биткоини или околу 18 000 фунти и тврдат дека ги продале на барем еден непознат купувач досега.

Во рекламата за продажба, хакерите тврдат дека имаат доверливи информации за вработени во компании вклучени во развојот на доверливи воени проекти, како и проектна документација, цртежи, презентации, видео и фотоматеријали, договори и кореспонденција со други компании.

Бесплатниот примерок од 50 мегабајти од податоците кои, како што наведува Би-би-си, добиле новинари од медиумот, вклучува документи означени со неколку различни нивоа на класификација што ги користи Алијансата, како што се „НАТО доверливо“, „Ограничени на НАТО“ и „Некласифицирани контролирани информации“.

Од Би-би-си додаваат дека покрај примерокот, хакерите испратиле е-пошта со дополнителни документи, меѓу кои и два со ознака „НАТО тајна“./МИА

Сподели: