НАЦИОНАЛИСТИЧКА ОПТОГЕНЕТИКА – Александар ЛИТОВСКИ

Сподели

Денешнава Македонија, преку системетското пропагандно расчовечување во последниве десетина години, скоро безнадежно има заскитано кон пределите на бестијалноста. Одамна, умниот Имануел Кант, се потрудил да разјасни дека слободната волја на Човекот е пресудна за постоењето на субјективиот „морален закон“, па, оттаму, заради сувереноста на човечката волја се вели дека: „сите животни мораат, а само човекот сака.“ Кај нас, очигледно не е така! Некои се загубија во лигавењето пред силниците на денот. По грандиозното морално, политичко и културно-цивилизациско полтронство што го демонстрираа многумина македонски граѓани, јасно е дека е започнат процес на инволуција кон мајмуноликите предци. Затоа некои наши портокалови експоненти, место да се засрамат од своето неморално однесување, често, соочени со нивниот неморал, се однесуваат како мајмуни на екстази-таблети, па скокаат, врескаат, вреѓаат, напаѓаат, удираат…

Во амбиент на параноично политичко-културолошко лудило, поедини интелектуални нунции на портокаловиот месијанизам, започнаа борба против „модернизмот“ на бившиот социјалистички систем во културно-урбанистичкото битисување и против сегашните „платениците на странските сили“ во општествено-политичкото живеење, па повеќе од десет години, непречено, најбесрамно ја проповедаа својата националистичка, расна и психопатолошка социологија, антропологија, политикологија, етика и естетика. Всушност, кога ќе се загребе малку под површината, лесно може да се разбере дека овој вулгаризам, овој дефицит на вкус и префинетост, оваа груба непристојност, ова јавно мајмунисување, е само одраз на егзистирањето на еден профитерски десничарско-националистички вредносен систем кој произлегува од историските, социолошките и интелектуално-моралните пракси на фашистичко-врховистичките политички сили од македонското минато.

Оптогенетиката е невропсихолошки метод што користи комбинација на техники од оптика и генетика за контрола и следење на активностите на индивидуалните неврони во живото ткиво, односно за контрола и манипулација на слободата на движење. Некои ја сметаат и за техника за контрола на однесувањето на субјектот, односно за инсталирање на измислени, лажни, фалсификувани сеќавања. Истиот метод го користи портокаловиот центар за лаги и манипулации преку државно спонзорираното пишување на „историја“, преку скапо платената „политичка аналитика“, како и преку варварскиот еклектицизам на лудиот проект „Скопје 2014“. Сепак, во целиот тој идеен, еклектички и скудоумен, мисловен хаос, нема научна длабочина, нема креативна уметничка оригиналност и препознатливост, нема никаква доследност, кохерентност и разумност, туку само трчање за коските викани власт и профит.

Во секој случај, нашите „митрополити“ на македонскиот антички дух, тие полуписмени негатори на историската македонословенска етногенеза, тие скрибомани и празнозборци, не само што не се срамеа, туку и ги оправдуваа и величаа криминалите, глупостите и лудачките антиквизаторски кичерски градби. Сите тие, со помош на власта и портокаловите медиуми го оцрнуваа и осудуваа „модернизмот“ како „обично насилство“ на центрите на моќта против културната, духовната и политичката слобода на македонското население и „храбро“ ја играа ролјата на апологети на „слободата“ на портокаловото „уметничко барокно создавање“. Всушност, овие гавази на портокаловиот криминал и антимакедонизам, цели десет години, бесрамно проповедаа самоизолација и колективно национално самоубиство, а слушаме како истото го прават и денес.

Така нашиот антимакедонски и фашизоиден национализам, преку оптогенетски методи и ефекти кај мнозина приврзаници на националистичката приказна, кои се лица што во секојдневието ја потиснуваат работата на своите сиви ќелии, предизвикува експлозија на воодушевување од појавата на Пастирот, или од пропагадното линчување на некој од „предавниците“, или од „ненадминливата величенствена новоизградена уметност“ низ центарот на Скопје… Секако, допрва ќе треба да се анализира и да се определи смислата на овој наш политички циркус, смислата на културно-цивилизациската самодеградација, смислата на нашата национална и индивидуално-интелектуална срамота, која некои забегани ур-фашисти, како што ги определуваше Умберто Еко, ни ја нанесоа, не само последниве денови, туку последниве десетина години.