Колумна Македонија Текстови Ударни вести

Мерсел БИЉАЛИ: НОН-ПЕЈПЕР или СУПЕР-ПЕЈПЕР?

Сподели:

 

Пред некој ден, меѓународниот портал „Еuroactiv“ со седиште во Брисел, кој објавува написи на дванаесет европски јазици, објави статија под наслов: “Дали Словенија сака “мирен распад на Босна и Херцеговина?”

 

  Мерсел Биљали

Словенечкиот интернет-медиум “necenurirano.si” објави документ за кој тие тврдат дека е “нон-пејпер” за Западен Балкан, наводно испратен од Јанез Јанша во Брисел и некои други центри, со што се предизвика лавина реакции во Босна и Херцеговина, регионот и пошироко. Документот е насловен: “Western Balkans – a way forward”” (Западен Балкан – пат напред).

Тука се зборува и за прецртување на нови граници скоро за целиот Западен Балкан. Дека тој документ е пратен и до претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, до Ерропска комисија, па и до некои европски лидери, иако официолно тоа се негира или дека тие “не се сеќаваат” дека добиле таков докумнет (како што кажа и портпаролот на Европската комисија Peter Stano).

Телевизијата N1, објави дека српскиот министер за внатрешни работи Александар Вулин, во новата приказна за прецртувањето на границите гледа шанса за “обединување на Србите во една држава”, додека претседателот Александар Вучиќ е повнимателен. “Не можам да се согласам со обединувањето на Косово и Албанија (што е сугерирано и од нон-пејперот и новите мапи) и мора да го почитувам територијалниот интегритет на БиХ”, рече Вучиќ, објаснувајќи дека не ја видел спорната мапа. Но, албанскиот премиер Еди Рама потврди дека самиот ја видел мапата, но не ја коментирал детално.

Првичните информации за наводниот документ во регионот ги објави босанскиот медиум “politicki.ba.”, а потоа лавина изјави и деманти. Станува ли збор за зацртување нови граници на Западен Балкан поради “финализација на распаѓањето на Југославија”. Имено, словенечкиот претседател Пахор директно им кажал на тројцата членови на босанкото претседателтсво – Додик, Џаферовиќ и Комшиќ,  дека “во последно време, Европа сè погласно размислува дека треба да се заврши распадот на Југославија. Можете ли воопшто мирно да се разделите во БиХ?”

Според “Нон-пејперот”, Република Српска, односно како што пишува, “поголемиот нејзин дел” би се припоила кон Србија, а Косово кон Албанија (со што северниот дел на Косово би добил статус сличен на Јужен Тирол и духовно би бил врзан за Србија). Хрватските кантони од БиХ би се споиле кон Хрватска или би им се доделил некаков статус, сличен на Јужен Тирол. Додека Бошњаците би имале своја “независна држава”. И дека, ако ЕУ и САД и мнозинството во регионот се согласни, тој проект може и да се “официјализира”. Сè во име на етничката поделба. Но, каква етничка поделба би била тоа, кога Хрватите од Ливно пак ќе останат во муслиманскиот дел, а Муслиманите од Мостар ќе завршат во Хрватска, или пак Србите од Дрвар ќе останат во Бошњачка џамахирија! Потоа што со дистриктот Брчко, што со Томиславград, Посушје, Груд, Широки Бријег, Чапина, Столац, Неум – коментира познатиот сарајевски водител – Сенад Хаџифејзовиќ. Оттука констатација на писателот Aндрек Николаидис, кој вели дека по поделбата Муслиманите би станале Европски Палестинци, а Црногорците, европски Курди.

Интересно што на прв поглед за Северна Македонија и Црна Гора ништо не се предвидува во документот, но ако им се погледне добро во “филџанот” на авторите на нон-пејперот, не им се гледаат баш само срциња и цвеќиња. Но, затоа подолу.

 

Но, реално кој стои зад ваквата визија?

Прва индикација е дека зад тоа стои триаголникот Јанша, Орбан и Вучиќ. За последниот не е проблем да се најде причина, ама што им е целта на двајцата други и дали баш своеглаво се нафатиле кон ваков проект што повеќекратно ги надминува нивните реални компетенции?! Смешни се тврдењата дека Словенија има потреба да “разговара во полза на подготовките за неформалниот самит на ЕУ за Западен Балкан”, кој ќе се одржи за време на словенечкото претседателство со Советот на ЕУ. Или пак тврдењата дека словенечкиот претседател Борут Пахор е “загрижен” за БиХ и затоа имал потреба да ги праша сите тројца членови на босанското претседателтво “за можноста за мирна разделба во БиХ! “Факт е дека и после 26 години по завршувањето на војната во БиХ, сецесионистичката реторика, како и блокадите на институциите или ултиматумите, ја прават земјата хронично нефункционална. Таа не може ниту една одлука да донесе без согласност на преставниците на трите ентитета, а често интересите дијаметрално се разликуваат. Таа со години е заглвена во својата дејтонска школка. Тенденциите да се редефинира, не вродуваа со плод. А луѓето бегаат, така што сега целокуното население на БиХ, не е повеќе од два и пол милиони жители (колку еден просечен европски град). Се мисли дека конечно со разделбата ќе се отворат ефикасни развојните можности. Поинаку во догледна иднина кога таму би дошле африканци, лесно би се создало голем безбедносен проблем.

Втора теза, е дека тоа е пробен балон инициран од многу поголеми сили, кои се свесни дека во блиска иднина ќе треба да се изнајде решение меѓу Србија и Косово поради преговорите на Србија со ЕУ. Со замрзнат спор нема ЕУ. Имено, без Трамп и Тачи, а со Бајден нема територијална размена локализирано само меѓу Србија и Косово, што во некоја мера ќе им ја олеснеше работата на политичарите од двете страни за конечно решение. Затоа сега треба да се пристапи генерално. Додик (верувам, не само тој), вели дека “ако се одвои Косово од Србија, и ние ќе се отцепиме од БиХ”. Па затоа подобро “милом него силом”. Така што со еден удар ќе се утепаат повеќе муви.

Третата теза, е дека со помош на Љубљана, Будимпешта и Белград, и со помош на големобројното српско население во Црна Гора, лесно би се обезбедел пристап на Путин и Лавров на јужните мориња, со цел воспоставување руска поморска база на Јадранот, за сервисирање на нејзините поморски воени сили во Медитеранот.

Четвртата теза, што ја тангира и Македонија и Црна Гора е дека силниот економски развој на Србија, која очигледно дека го фаќа брзиот кинески воз за економски развој, за неколку години лесно може да се претвори во гравитациона сила за српското население во Бих, Македонија и Црна Гора. Тоа впрочем се виде и за “викенд – вакцинизацијата” на бројни наши граѓани во Србија, која нашиот претседател на државата, познат по брзината на говорење, го нарече “голем срам”. Србија лани имаше 3,6 милијарди евра странски иневстиции, а заедно сите други – БиХ, Албанија, Црна Гора и Македонија – само 1.7 милијарди евра. Без дилема дека силниот развој на Србија ќе создаде гравитациона сила кон Република Српска и Македонија. БиХ и Македонија како да имаат природна маана и никако да им тргне развојот. Луѓето бегаат на сите страни, утре можеби ќе отидат на печалба во Србија и природно дека луѓето би гравитирале кон Белград?! И тогаш пак ќе избие проблеми со албанскиот фактор.

Македонија по распаѓањето на Југославија беше втора во регионот по развојот, после Словенија, но некој малер ја следи веќе 30 години и никако да оздрави од парализата. Таа и денес се гуши од криминал и никој не поднесува одговорност, освен тие што ни ги наоѓаат или наметнуваат странците. Познат регионален аналитичар констатира дека „албанскиот дел од државата се води од неписмени политичари кои сеуште од економијата не ја научиле ниту буквата „Е“, а зборуваат за патриотизам! Несвесни дека најголемиот патриотизам е токму економијата! Погледајте ги автопатиштата во државата, динамиката на нивното градење, субвенционирањето на фабриките за отворање на нови работни места дури до 16 милиони евра… Токму од таквиот пристрасен пристап доаѓа опасноста за државата“ – вели аналитичарот.

Што мислат странските силни играчи?

Директор на реномираниот IFIMES институтот (Инситутот за блискоисточни и балкански студии) Зијад Беќировоќ, кој има многу важни инсајдерски информации од многу светски центри, вели дека работата не е толку наивна и не е случајно што САД молчат. Јадранка Косор, бивша премиерка на Хрватска, вели дека тоа е “пробен балон” како понатаму со Западниот Балкан, кој остана заробен во себе. Ненад Чанак мисли дека не е важно нон-пејпер-от, туку неговата идеја (која тој ја нарекува воено хушкачка). Реално ЕУ како да престана да се прошири па сега ги малтретира регионалните владите со измислување секакви услови.

Steven Meyer некогашен помошник директор на ЦИА и сегашен познат универзитетски професор вели: “Koсово нема да се реши во Вашингтон, Брисел или Москва, туку во Приштина и Белград. ЕУ е уморна, можеби ќе ја прима уште и Србија и ќе престане. БиХ наликува на фиктивна држава. Мислам дека може да се случи утре Србија да каже – ОК, ние ја поддржуваме голема Албанија, ама и вие мора да ја поддржите голема Србија”. Значи сепак не е исклучено “нон-пејперот” да ни стане “супер-пејпер”.

denesmagazin.mk

 

Сподели: