Вести Македонија Став Ударни вести

Не е “семејна драма”, фемицид е! – Бојана Јовановска

Сподели:

 

Во трката за поголема читаност, целосно се занемарува суштината на случаите на родово базирано насилство и гласот на жртвата се става во втор план, а многу често и се прави нејзина ревиктимизација, пишува Бојана Јовановска за Республика.

Бојана Јовановска

Родово базираното насилство, како феномен, сè повеќе го наоѓа своето место во јавниот наратив, што значително се должи на неговата зголемена застапеност во секојдневните новинарски извештаи, што пак, веројатно е резултат на порастот на случаи кои се пријавуваат во релевантните институции и/или излегуваат на виделина.

Меѓутоа, и покрај сè почестата дебата за случаите на родово базирано насилство, но и за фемицидот како негова најекстремна форма, односно на убиство на жена затоа што е жена, и покрај низата обуки на медиумските работници/чки за родово сензитивно известување, сепак се чини дека сè уште нашиот медиумски простор значително заостанува во препознавање на проблемот и негово соодветно именување.

Доколку само прегледате наслови на објави за случаи на родово базирано насилство, веднаш ќе се соочите со сензационалистички синтагми, како семејна драма, морничаво злосторство, трагична љубов, бизарен настан, кои имаат единствена цел да ја разбудат љубопитноста кај публиката и на тој начин да добијат поголема читаност, односно кликови. Меѓутоа, во трката за поголема читаност, целосно се занемарува суштината на случајот и гласот на жртвата целосно се става во втор план, а многу често и се прави нејзина ревиктимизација.

Сензационализмот во медиумските објави за случаите на родово базирано насилство има тенденција читаноста да ја таргетира преку романтизирање на насилството и на тој начин да ја минимизира тежината на случајот, како и да ја поддржува и зајакнува инфериорната родова улога на жената во општеството.

Наместо да се укаже на насилството како негативна последица од изложеност на животозагрозувачко однесување од страна на партнерот, многу често е претставувано во контекст на интимниот однос помеѓу маж и жена кои се во љубовна врска, пришто некогаш имате впечаток дека читате љубовно романче, а не црна хроника.

Дополнително, медиумите континуирано демонстрираат нечувствителност во однос на состојбата на жртвите и со инсистирањето на земање нивни директни изјави, односот на медиумите не е многу поразличен од двојната виктимизација која ја прават институциите.

Улогата на медиумите

Во општества како што е македонското, каде имаме изразено патријархална структура, во која сè уште во голема мера се негуваат традиционалните родови улоги и родови стереотипи, улогата на медиумите е од особено значење, како во однос на промовирање на родовата еднаквост, така и во однос на превенција од родово базирано насилство.

За улогата на медиумите зборува и Истанбулската конвенција, која беше ратификувана од Република Северна Македонија во 2018. Имајќи ја предвид нивната улога медиумите од аспект на искоренувањето на родовите стереотипи, Конвенцијата ги охрабрува медиумите да преземат мерки за промовирање промени во општествените и културните шаблони на однесување на жените и на мажите, со цел – искоренување на предрасудите и на сите други практики што се засноваат врз идејата за инфериорност на жените или врз стереотипните родови улоги.

Овие обврски се преточени и во Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство каде се укажува на превентивната функција на медиумите, преку преземање на промотивни мерки за подигање на свеста за сите форми на родово базирано насилство, промовирање на родова еднаквост и елиминирање на родовите стереотипи.

Извор: pixabay.com

Улогата на медиумите е од особено значење, како во однос на нивното известување за случаите и актуелизирање на проблемот на родово базирано насилство, но и во однос на начинот на нивно претставување во медиумските објави. Дополнително, медиумите имаат значајна улога и во процесот на прибирање податоци за случаите на родово базирано насилство, особено за фемицидите.

Имајќи предвид дека во Северна Македонија сè уште не постои официјална статистика за бројот на фемициди, медиумските објави многу често се првата трага за случаите на насилство.

Единствени неофицијални податоци за фемицидите во земјава се податоците кои ги прибираат граѓанските организации кои работат во оваа област, кои многу често првата информација за случајот ја добиваат преку медиумските објави.

Фемицидот во медиумите

Една од анализите на фемициди на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство укажува дека медиумите користат фактографски, сензационалистички и родово несензитивен јазик во своите објави, без да дадат подлабока анализа на случаите и без согледување на потребата за подигнување на свеста околу проблемот на родово базирано насилство врз жените и убивањето на жените како еден аспект од овој вид насилство.

Во неодамнешното истражување на Националниот совет за родова рамноправност утврдено е дека преку сензационализирање на фемицидите и некористење на соодветна терминологија за овој вид на убиства, медиумите демонстрираат нечуствителност во однос на жртвите и придонесуваат само за зајакнување на родовите стереотипи.

Притоа, кај голем дел од медиумските објави е забележан недостаток од осврт на убиството како форма на родово базирано насилство и неговата комплексност како општествен проблем, како и информации за постапувањето на институциите.

Во оваа насока, и анализата за Фемицидот во македонските медиуми на Институтот за комуникациски студии, укажа на загрижувачки нискиот капацитет на медимумите да го препознаат фемицидот, како најтешка форма на родово базирано насилство. Целта на оваа анализа беше да се утврди како медиумското известување за случаите на фемицид, како најтешка форма на родово базирано насилство, влијае на перпетуирањето на родовите стереотипи.

Преку анализа на речиси 300 новинарски извештаи за фемициди во изминатите 6 месеци, беше утврдено дека медиумите воопшто не ја препознаваат родовата димензија на убиствата, ниту ја земаат предвид феноменологијата на фемицидите, особено фактот дека најголем дел од овие убиства се извршени од машки партнери или роднини, во домот во кој живее жртвата.

Податоците од анализата ја потврдуваат употребата на сензационалистички јазик, особено при креирањето на наслови, со цел да привлечат поголем број читатели, многу често со употреба на кликбејт наслови, кои се несензитивни за суштината на случајот и го минимизираат насилството.

Користењето на несоодветна терминологија од само еден медиум го носи ризикот од нејзино прелевање во останатите медиумски објави кои многу често ги копираат извештаите и истото стигнува до поширока публика.

Дополнително, во медиумските објави не се прави корелација помеѓу фемицидите и институционалниот аспект, односно тие воопшто не ја земаат предвид улогата на институциите во спречувањето и заштитата од насилство, особено ако се знае дека недовербата во институциите е еден од најзначајните фактори за недоволно превенирање на овие случаи.

Особено значајно е што преку новинарските извештаи за случаите на фемицид е утврдено и прекршување на неколку принципи за етичко известување, како неназначување на изворот на информации, плагијаторство, непочитување на приватноста на личноста, како и присуство на сензационализми при информирање во случаи на несреќи и семејни трагедии.

Досегашните анализи за родово базирано насилство во Македонија укажуваат на недоволната свест на медиумите за својата улога и моќта со која располагаат за превенирање на случаите на насилство, како и за креирање на родово порамноправно општество.

Веројатно прашањето зошто медиумите сè уште заостануваат во оваа област треба да биде предмет на дополнителна анализа, што не значи дека би имале оправдана причина за начинот на кој ја вршат својата работа. Постојат принципи за етичко известување, кои очигледно дека не ги почитуваат кога станува збор за известување за случаи на родово базирано насилство, особено фемициди.

За почеток, можеме да ги нарекуваме работите со нивните вистински имиња. Не се нарекува „семејна драма“, туку фемицид.

 

Сподели: